Шаќири до учениците: чувајте го мирот во себе и во средината во која растете, тој е драгоцена работа
Бидете толерантни, бидете коректни кон вашите врсници, помагајте наместо да отежнувате, исмејувате и да напаѓате и чувајте го мирот и во себе и во училиштата и воопшто во средината во која живеете и растете, затоа што тој е драгоцена работа. Ова е пораката која министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја испрати до средношколците кои беа дел од дебата на Филозофскиот факултет во Скопје посветена на безбедноста во училиштата.
„Јас верувам во вашата зрелост, во вашата креативност и иницијативност и знам дека можете многу да понудите за дополнително да го зајакнеме безбедносниот систем во училиштата и да најдеме начини за поголема промоција и ширење на толеранција, почит и љубов меѓу сите млади“, рече Шаќири, нагласувајќи дека честите дискусии и широки дебати се најдобар начин за креирање на нови идеи, мерки и активности кои ќе го надополнат постојниот институционален механизам за одржување на безбедноста во училиштата и за градење на мирна средина.
„Сите сте веќе запознаени со препораките кои Владата ги усвои минатата недела, а беа предложени од Министерството за образование и наука кое пак, ги креираше низ широк консултативен процес во кој секако, средношколците преку својот Сојуз исто така дадоа голем придонес и всушност дел од тие 10тина препораки се предложени токму од оваа организација. Така што имам причина да верувам и во конструктивноста и ефективноста на денешната дебата“, нагласи министерот за образование и наука.
Тој потенцираше дека сето тоа што ќе произлезе како интересен предлог од дискусијата, може да се најде на владина седница и да биде усвоено како надополнување на сетот мерки со кои, како што рече, ќе се заложуваме за прифаќање на вистинските вредности меѓу учениците, меѓу вас младите кои ќе ги направат да бидат добри луѓе што понатаму ќе градат мирно и хармонично општество.