Шаќири: Стратегијата за паметна специјализација ќе го забрза напредокот на државата и интегрирањето на европскиот научно – иновативен простор

Сите економии од Западен Балкан имаат речиси идентични приоритети и цели дефинирани во националните стратегии за паметна специјализација, а Европската унија на сите нам ни овозможува достапност на исти финансиски инструменти за нивна реализација. Само обединети и преку заедничка соработка, ќе можеме да ги искористиме овие средства и ќе ги оствариме зацртаните цели на најдобар можен начин и со тоа ќе го стимулираме регионот да оди напред и да биде поконкурентен на европскиот научно – иновативен простор.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири во своето обраќање на панел дискусија посветена на поддршката за креирање и спроведување на паметна специјализација во земјите од регионот и Турција, која е дел од дводневна конференција за имплементирање на агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Конференцијата се одржува во Скопје, а во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија и Владата на Република Северна Македонија.

„Социо-економската трансформација на Северна Македонија во голема мера се базира на Стратегијата за паметна специјализација која е креирана врз основа на утврдените национални приоритети и силни страни. Ни претстои имплементирањето на овој документ и јас се надевам дека тоа ќе биде успешен процес кој ќе го даде очекуваниот ефект“, рече Шаќири, изразувајќи благодарност од претставниците на Европската комисија за вниманието и можностите кои и’ се дадени на Северна Македонија за развојот на науката, истражувањето и иновациите.

Министерот потенцираше дека токму ваквите собири ќе придонесат за поуспешно имплементирање на паметната специјализација во секоја од земјите во регионот.

 

„Системите за наука и иновации се сложени екосистеми за кои се потребни различни елементи за оптимално функционирање, како на пример: солидна научно истражувачка база која дава висококвалитетни резултати; значително учество на компаниите во иновативни активности; големи трансфери на знаење помеѓу засегнатите страни во областа на науката и иновациите и добри рамковни услови погодни за развој на бизнис иновации. Само таквите стабилни екосистеми ќе придонесат науката и иновациите да ја исполнат својата улога како клучни двигатели во стимулирањето паметен и одржлив раст на земјата“, истакна министерот за образование и наука, додавајќи дека во изминатите години Министерството за образование и наука покажа високо ниво на посветеност за унапредување на областа на иновациите и истражувањето.

„Значајна сума од националниот буџет е одвоена за поттикнување на истражувањето и иновациите и за поврзување на научно-истражувачите установи со бизнис заедницата и индустријата. Ако направиме споредба, овој буџет е двојно зголемен годинава во споредба со лани и притоа, најголем дел од парите се насочени кон финансирање на научно-истражувачки проекти и развој на научно – истражувачката инфраструктура во државата“, информираше министерот и додаде дека за идната година од Министерството за финансии веќе е побаран уште поголем износ на средства, но и дека од големо значење ќе биде поддршката од ИПА фондовите и програмите на ЕУ, како Хоризнот Европа.

 

Шаќири потенцираше и дека Фондот за иновации кој често објавува повици за поддршка на активности кои се усогласени со приоритетите на Стратегијата за паметна специјализација е од голема поддршка за развојот на науката и иновациите. Посочи и дека во 2021 година МОН го конституираше Националниот совет за високо образование и научно – истражувачка дејност, како и дека паралелно започнат е процес на креирање нов Закон за иновациска дејност во кој ќе бидат интегрирани сите промени во правото на ЕУ и ќе обезбеди повеќе и подобри можности за научно – истражувачките работници во државата.

 

Министерот потсети дека процесот на градење на Стратегија за паметна специјализација на Северна Македонија, како стратешки документ во кој се утврдени најпогодните области во кои државата треба да инвестира согласно расположливите ресурси и потенцијали, за да постигне најбрз и најголем напредок е завршува по  повеќе од 3 години интензивна работа, по што следи имплементацијата на овој документ.

На конференцијата се обратија и повеќе други владини претставници на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан и Турција, како и претставници на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

Министерство за образование и наука