Швајцарската компанија „Ронтис“ ќе инвестира во Македонија – ќе вработи 500 лица
Швајцарската фармацевтска компанија „Ронтис“ ќе инвестира десетици милиони евра во Македонија и ќе отвори повеќе од 500 работни места, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по увидот на градежните активности на проектот изградба на детска градинка во населено место Инџиково, во Општина Гази Баба.
Во одговор на новинарско прашање поврзано со тоа дали земјава работи на изнаоѓање странски инвестиции, Мицкоски нагласи дека еден од главните приоритети на Владата се странските инвестиции.
– Приоритет на оваа Влада се инвестиции и отворање нови работни места, а можам да кажам дека веќе имаме потврда од швајцарска фармацевтска компанија „Ронтис“, која што ќе инвестира во Македонија неколку десетици милиони евра за повеќе од 500 вработени, добро платени вработени, тоа е само низа од убавите вести за македонските граѓани кои што ги соопштуваме изминатиов период, рече Мицкоски.