Македонија

ШИЛЕГОВ: ВЛОЖУВАМЕ ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ДА ГИ ПОДОБРИМЕ УСЛУГИТЕ КОН ГРАЃАНИТЕ

ШИЛЕГОВ: ВЛОЖУВАМЕ - Работник
205views

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од денеска на располагање има 5 нови специјализирани возила со кои ќе се подобри работењето на нивните екипи, а ќе се подобри и услугата кон граѓаните. Станува збор за 4 цистерни (2 работат на вакуум, а 2 на притисок) и за едно комбе специјализирано за откривање дефекти во мрежата. Новите возила денеска ги промовираа градоначалникот Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.

– Градот Скопје во изминативе две години во јавните претпријатија вложува во инфраструктурата и во возниот парк за да ги подобриме условите за работа, но и да ги подобриме услугите кон граѓаните. Во Скопје се пие една од најквалитетните води во Европа, а тоа е обврска повеќе за нас, да вложуваме токму во инфраструктурата на ова јавно претпријатие. Тука нема да застанеме, парите од граѓаните, парите од „Водовод“, ги трошиме многу порационално од минатото, ниту се луксузираме со згради, ниту се луксузираме со лустери и теписи, туку вложуваме во она што е вистинска потреба на граѓаните – рече на денешната промоција градоначалникот Шилегов.

Директорот Весковски, пак, објасни дека новите возила со кои е обновена механизацијата на ЈП „Водовод и канализација“ се опремени со Еуро 6 мотори, кои што се карактеризираат со 96% намалена емисија на честички кои влијаат на аерозагадувањето.

Од јавното претпријатие информираат и дека ова е прва набавка на ваков тип возила од 2013 година. Цистерните под притисок се употребуваат за одзатнување на канализациските цевки користејќи вода под притисок, а цистерните под вакуум се употребуваат за црпење вода при поправки на водоводни дефекти, за црпење отпадна вода, како и за чистење сливници. Специјализираното мерно комбе, пак, е со вградена опрема за третирање загуби на вода според најновите стандарди, со што се овозможува детектирање дефекти, нивно полесно и побрзо лоцирање и намалување на загубите на вода.

Извор: Град Скопје