Јовановски на панел дискусија: Колку што е важно во ЕУ да се влезе што побрзо, исто толку е важно да се влезе подготвен

Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Зоран Јовановски  учествуваше на панел дискусија на конференцијата „На европскиот пат: нови реформи, нови можности“, на тема: „Кластер 2 – Внатрешна трговија“, организирана од Секретаријатот за европски прашања.

На панел дискусијата Јовановски истакна дека од економски аспект клучно прашање е брзината на влез во ЕУ, но исто така е многу важно и да се влезе подготвен во Унијата за да можат македонските компании да го издржат конкурентскиот притисок што доаѓа од компаниите од Европската Унија.

„Ако се влезе пребрзо, односно македонската економија влезе неподготвена, тогаш веројатно дел од македонските компании нема да ја издржат конкуренцијата од европските компании. Последиците од такво нешто би биле многу лоши, за бизнис секторот, за работните места, за приходите во буџетот. Цената на прилагодување не е мала. Европската регулатива на одреден начин го детерминира прифатливиот начин на водење бизнис во ЕУ. Да се прилагоди бизнисот на новите правила бара не само време, туку и ресурси. И тоа не е лесно да се направи“, порача Јовановски.

За време на дискусијата потпретседателот на Комората ја истакна важноста и на структурата на македонската економија, зашто процесот на приближување кон ЕУ  е и можност за преструктурирање на македонската економија.

„Треба да се има јасен план и визија, тоа треба да биде содржано во индустриската политика на земјата, како сакаме да изгледа македонската економија за десет години од сега натаму, кои сектори да бидат носители на економскиот раст и развој и како да се зголеми конкурентската отпорност на македонските компании. Во фокусот треба да бидат извозниците – тие имаат најголема конкурентност. И приоритет да имаат оние домашни компании што креираат поголем нето извозен ефект на земјата. Сетоа ова бара балансирање на разновидните цели со истовремено водење сметка на додадената вредност по сектори, за технолошката подготвеност на компаниите, за работните места, за пазарот на работна сила и сл“, истакна Јовановски.

Во однос на поддршката за бизнис секторот од страна на државните институции, Јовановски потенцираше дека е клучно во процесот на преговори за влез во ЕУ помеѓу државните институции и бизнис секторот да се воспостави механизам за соработка кој ќе биде инклузивен, транспарентен, ефикасен и флексибилен.

На панел сесијата учествуваа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, како и вицегувернерката на Народна банка Емилија Нацевска.