Јосевски: Судската полиција и во ек на пандемија нема право на додаток за ризик
Припадниците на судската полиција се едниствените кои работат 24/7, па прашувам дали треба да се случи корона вирус за да може да се види кој има работа во судот со највисок ризик, вели Претседателот на синдикатот на правосудство при САДУ, Драган Јосевски, прашан за тоа како е ситуацијата со судските полицајци во ек на пандемијата.
Тој истакна дека се гледа колку е апсурдна одлуката, да со Правилник сите други судски службеници имаат додаток на плата за ризик, а најралнивата група во судот, судските полицајци кои се постојано изложени на ризик поради блиската комуникација со странките, немаат додаток за ризик, што е спротивно на фактичката состојба и спротивно на Законот за судска служба член 129, став 2, точка 3 за додаток на плата за изложеност на ризик.
„Тука има помалку чудна ситуација за едно исто право за две категории на вработени во судот, за право предвидено со ист закон, каде на едни им се исплаќа додаток за ризик, а за судските полицајци ова право не важи. Тука имаме класична селективна примена на правото и повреда на уставно загарантираната еднаквост пред законите на штета на судските полицајци“, вели Јосевски.
Тој истакна дека во судот се работи со редуциран број на судски службеници, како оние коишто работат со судиите, така и шалтерските службеници. Наведе дека вратата во Кривичниот суд е затворена. Сите работни дејствија кои се потребни и се неодложни како оние кои се за лица со некоја од мерките за обезбедување се одработуваат со помош на припадниците на судската полиција.
Во Кривичниот суд се работи согласно уредбата со законска сила на Владата од 30.03.2020 година и одлуката на Судскиот совет од 17.03.2020 година, за работа во услови за време на пандемијата од Ковид – 19, вели Јосевски
„Согласно споменатите документи во Кривичниот суд се судат само оние предмети кои се пред застарување, предмите во кои странките се од странство и притворските предмети. За да можат странките да влезат во судот тие мораат да имаат заштитна маска и ракавици. Истото е задолжително и за обвинителите, адвокатите и сведоците кои сведочат пред судот“, вели Јосевски.
Тој посочи дека дека доколку посочените лица немаат заштитна опрема, судската полиција ги предупредува и им дава заштитна опрема.
Според Јосевски, сите други рочишта се одлагаат, како кривичните, така и прекршочните предмети со напомена дека ќе се добијат нови покани со нов термин за одржување на предметите по завршување на пандемијата на Ковид – 19.
Бобан Илијевски