Ќе им ги намалуваат платите на „мрзливите“ службеници
Шпанскиот Врховен суд донел пресуда во корист на мерката со која ќе се намалуваат платите на најмалку продуктивните државни службеници во земјата.
Шпанија е позната како земја во која на многу млади луѓе им е цел да работат во државниот сектор и голем дел од нив го гледаат тоа како остварување на тој сон.
Како што пренесува Агенцијата Анадолија (АА) во однос на целокупната економска состојба во државата, платите во државниот сектор се многу пристојни, а освен тоа нудат и поголема стабилност и пократко работно време во однос на приватниот сектор.
Сепак, последниве години сериозен проблем во државниот сектор претставува фактот што голем број на работници воопшто не размислуваат за продуктивноста на работното место, бидејќи уживаат големи работнички права, особено што се однесува на отказот.
Меѓутоа, во таа земја државните службеници во наредниот период ќе мораат многу повеќе да внимаваат на резултатите од својата работа.
Според одлуката на Врховниот суд, државните институции од сега имаат право да ги намалат платите на службениците кои не ги исполниле целите и задачите на работното место.
Утврдено е дека некои државни службеници, на пример, никогаш не се јавуваат на телефон, не ги следат работните задачи и работат помалку отколку што е предвидено со закон.
Според податоците од 2018 година, во државниот сектор работеле 3,07 милиони луѓе или 16 отсто од работоспособното население на Шпанија.
Просечното работно време на државните службеници во Шпанија трае од 9 до 14.30 часот.