СветСветот на работникот

Вештачка интелигенција – лек или предизвикувач за „burnout“ на работа?

Согорувањето (burnout) станува сѐ поголем проблем во различни индустрии. Светската здравствена организација веќе го призна како „професионален феномен“, нагласувајќи дека не е само личен, туку и бизнис-предизвик.

Според истражување од 2025 година објавено во The American Journal of Preventive Medicine, burnout-от американските компании ги чини меѓу 4.000 и 21.000 долари по вработен годишно, или дури до 5 милиони долари за фирма со 1.000 луѓе, пишува CNBC.

Многу организации затоа се потпираат на AI алатки како ChatGPT или Copilot, кои автоматизираат повторливи задачи, сумираат информации и помагаат во креирање содржини и водење проекти. Глобално истражување на Универзитетот во Мелбурн и KPMG на повеќе од 32.000 вработени од 47 земји покажа дека 58% од работниците свесно користат вештачка интелигенција на работа, а една третина тоа го прави секојдневно или неделно.

Сепак, вработените и натаму трошат околу 2,6 часа дневно – односно една третина од работната недела – на задачи кои би можеле да се автоматизираат со помош на AI, покажува анкета на компанијата GoTo и истражувачката куќа Workplace Intelligence.

Дополнително, податоци од февруари 2025 година врз основа на примерок од 200 ИТ професионалци откриваат дека компаниите што користат AI бележат пад на емоционалната исцрпеност кај вработените од 25%. AI системите успеале да идентификуваат 30% од луѓето кои биле во ризик од burnout, врз основа на прекувремена работа, низок ангажман и други фактори, што овозможило навремена поддршка.

Другата страна на медалот

И покрај позитивните примери, експертите предупредуваат дека AI може да создаде и дополнителен притисок. Истражување на Quantum Workplace спроведено на повеќе од 700.000 луѓе покажува дека 45% од американските работници кои често користат AI доживуваат висок степен на burnout. За споредба, тој процент е 38% кај оние што ја користат повремено и 35% кај оние што воопшто не ја користат.

„AI е моќна алатка, но може да доведе до ‘продуктивен замор’. Луѓето стануваат побрзи и поефикасни, но затоа им се задава уште повеќе работа“, предупредува д-р Џена Главер од Headspace. Стратегот за лидерство, Каролин Стоукс, додава дека целодневното користење на AI алатки може ментално да исцрпи исто како девет часа поминати во теретана, нагласувајќи ја потребата од паузи и ментален опоравок.

Освен тоа, непознавањето на начинот на работа со вештачка интелигенција (т.н. AI писменост) создава дополнителен стрес и притисок врз вработените. Доколку компаниите ја користат само за намалување на бројот на луѓе, ризикуваат уште повеќе да го влошат проблемот со согорувањето.

Извор: BIZLife.rs