ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Внимателно со зголемувањето на платите – може да предизвика намалување на бројот на вработени

Бобан Илијевски

Станува се потешко да се најдат квалификувани градежни работници во Македонија, бидејќи оние коишто се најмногу компетентни да работат во оваа индустрија, заминуваат надвор, најчесто во Германија. Изненадува фактот што некои од нив, одат да работат и во Србија која не е вообичаена дестинација за нашите работниците. Но, со оглед на тоа дека на нашиот северен сосед му недостасуваат работници, особено во градежната индустрија, работодавачите беа принудени да ги зголемат платите, а ова го привлече вниманието на македонските граѓани.  

Во текот на пандемијата, проблемите со недостатокот на квалификуван кадар во градежништвото не биле толку видливи

Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија за порталот Работник велат дека недостигот  на квалификувана работна сила е еден од најголемите проблеми со коишто се соочуваат градежните компании, притоа нагласуваат дека тој бележи различен интензитет од почетокот на пандемијата.

„Со оглед на тоа дека изминатите месеци потенцијалот на градежните компании не беше во целост искористен, а работењето се одвиваше со забавен интензитет поради доследното почитување на мерките и препораките за превенција од ширење на коронавирусот, проблемите со недостатокот на работна сила не беа толку изразени“, истакнаа од Здружението.

Зголемувањето на цените на градежните материјали најмногу влијае врз платите во градежништвото

Платите, велат, зависат од цените на чинење и постигнатите цени во постапките за доделување на договорите за јавните набавки, а состојбата во тој сегмент во моментот, во градежништвото е многу неизвесна поради зголемувањето на цените на градежните материјали. Потсетија дека компаниите како граѓаните/работниците беа силно погодени од пандемијата, потенцирајќи дека деловното опкружување, зголемените трошоци за репроматеријали, организацијата на работењето во новонастанатите услови со почитување на мерките и препораките за заштита од вирусот, намалените капацитети на централната и локалната администрација, намалувањето на интензитетот на објавување на јавни набавки за градежни работи негативно се одразуваат врз деловниот амбиент и врз условите за работа во градежништвото.  

Велат дека досега не се креирани посебни мерки за поддршка на градежните компании, а тие, како што велат, кои ги исполнуваа условите имаа право да користат дел од општите мерки за ублажување на економските последици од пандемијата. Нагласија дека градежните компании и покрај се, успеале да го амортизираат ударот, да елиминираат дел од негативните ефекти и да задржат најголем број од работниците, потенцирајќи дека показател за тоа се статистичките податоци, според кои, бројот на вработени во градежништвото во 2020 година во однос на 2019 година се намалил за 1,5 %.  

Треба стратешки да се реши проблемот со недостатокот на квалификувани работници

Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите истакнаа дека потребно е државата во консултација со бизнис секторот, стратешки да пристапи кон решавањето на проблемот со недостигот на квалификуван кадар, притоа да води сметка и за спецификите на градежништвото како стопанска гранка.

„Решението на проблемите во постпандемискиот период треба да почне од правната рамка, како и од креирањето на ефикасни и флексибилни работни процеси кои ќе обезбедат атмосфера во која би постигнале поголема продуктивност на трудот и побрзо заздравување на домашната економија. Зголемувањето на платите треба да биде проследено со зголемување на продуктивноста на трудот, бидејќи во спротивно доколку нема тренд на зголемување на продуктивноста, компаниите ќе треба вложат дополнителни напори да ги задржат работниците, да ги одржат платите и тоа за да го надоместат намаленото ниво на продуктивност што директно ќе се одрази на исплатливоста на проектите“, велат од Здружението.

„Внимателно да се зголемуваат платите, бидејќи може да има отпуштања на работници“

Ценат дека секое зголемување на платите, вклучувајќи ја и минималната плата, бара внимателен  пристап затоа што во спротивно, компаниите ќе се соочат со зголемување на нивните трошоци, намалување на нивната конкурентност, но и со предизвикот за преземање несакани мерки како намалување на бројот на вработени.

Сметаат дека продуктивноста е единствен параметар за оправдување на трошоците за плати, но поради тоа, од една страна во праксата има работници за кои трошоците се поголеми, но истите се оправдани заради големата ефикасност при работењето, додека пак, од друга страна  немањето на работна сила не подразбира вештачко зголемување на платите.