Занимливости

Дали е ова работа од соништата? Галење мачки и уживање на рајски остров

Во светот постојат многу начини да се побегне од секојдневието, но ретко што звучи попримамливо од лето поминато на грчки остров во друштво на мачки.

Токму таква можност нуди засолништето Syros Cats, кое бара волонтери подготвени да ја спојат љубовта кон животните со престој на Медитеранот. За возврат, тие добиваат бесплатно сместување, појадок и покриени трошоци за режии.

Засолништето на островот Сирос постои уште од 1990-тите години и со децении спасува напуштени мачки, прераснувајќи во пионер на движењето за благосостојба на животните во регионот. Сега бараат одговорни, самостојни и здрави волонтери за ангажман од најмалку еден месец.

Што опфаќа работата?

Волонтерите помагаат во контролата на популацијата преку стерилизација, го следат здравственото состојба на животните, организираат ветеринарна грижа и се грижат мачките секогаш да имаат доволно храна.

Секојдневните задачи вклучуваат чистење на просторот, хранење, дружење со млади мачки за полесно да се приспособат на идните домови, но и она што за многумина звучи како сон – галење мачиња. Иако на прв поглед изгледа идилично, работата во засолништето е сериозна и одговорна, а со текот на времето станала дел од идентитетот на островот.

Според Time Out, напорите на организации како Syros Cats и God’s Little People Cat Rescue значително го промениле односот на локалното население кон мачките. Поранешната недоверба е заменета со почит, а животните денес се симбол на гордост на заедницата.

Како што истакнуваат основачите, начинот на кој се однесуваме кон животните многу зборува за нашата хуманост.

Време и бенефити

Избраните волонтери работат околу 5 часа дневно, пет дена во неделата. За возврат добиваат бесплатно сместување, покриени режии и појадок, што ја прави оваа можност особено привлечна за сите кои сакаат да го поминат летото на грчки остров на поинаков и смислен начин.

Пријавите за сезоната 2026 веќе се затворени, но новиот круг за летото 2027 се отвора на есен. Сите заинтересирани се советуваат да ја следат официјалната страница на засолништето и нивните објави. За љубителите на мачки, ова е можност што не треба да се пропушти.

Извор: BIZLife / К. Ј.