СветСиндикат

Директорот на Ryanair: Откажуваме летови за 100 илјади патници

Извршниот директор на Ryanair предупреди дека следната недела би можеле да бидат откажани летови за околу 100.000 патници поради штрајк на синдикатот за контрола на воздушниот сообраќај (SNCTA) во Франција.

Мајкл О’Лири за Sky News изјави дека штрајкот ќе ја чини компанијата околу 20 милиони фунти.

„Компанијата може да ги поднесе трошоците. На крајот, патниците ќе бидат тие што ќе бидат во неповолна позиција и тие треба да се пожалат,“ порача О’Лири.

Штрајк од 7 до 10 октомври

Членовите на SNCTA најавија штрајк од вторник, 7 октомври, до петок, 10 октомври наутро, поради спор околу платите и условите за работа. Иако најмногу ќе бидат погодени летовите кон Франција, прекините ќе влијаат и врз авионите кои го користат францускиот воздушен простор за да стигнат до својата конечна дестинација – т.н. прелети.

„Секој ден извршуваме околу 3.500 летови – вклучувајќи ги и оние до и од бројни дестинации како Шпанија, Италија и Грција,“ рече О’Лири, додавајќи дека прелетите мора да бидат заштитени од штрајк, бидејќи нивното попречување претставува злоупотреба на единствениот европски пазар.

600 летови ќе бидат откажани

Се очекува Ryanair да откаже околу 600 летови, од кои речиси сите се прелети.

„Тоа се околу 100.000 патници чии летови непотребно ќе бидат откажани в среда и четврток,“ наведе тој.

„Секој ден имаме околу 3.500 летови, од кои 900 минуваат низ францускиот воздушен простор. Кога контролорите на летање штрајкуваат, околу 600 од тие летови се откажуваат. Најпогодена е Велика Британија, поради географската близина со Франција,“ додаде О’Лири.

Тој истакна дека, иако го прифаќа правото на француските работници да штрајкуваат, Eurocontrol – цивилно-воена организација што го поддржува управувањето со воздушниот сообраќај низ Европа – би можела да интервенира за да се обезбеди непречено функционирање на воздушниот простор.

Извор: Vjesti.ba