Неделков: СОНК го одбра патот до успехот со преговори
Г-дине Неделков, СОНК досега не излегол со став во однос на протестите коишто ги организираше ССМ. Како најголем синдикат во државата, кој е Вашиот став по однос на нив?
Не излеговме од коректност, затоа што сметаме дека тоа е активност на ССМ, и доколку јавно го кажеме нашиот став, би можеле да влијаеме на процесот.
Сега се одлучив да дадам изјава затоа што сметам дека работите се искристализираа, на многумина им стана јасно дека ваквото водење на протести, по многу работи невообичаени не водат кон ништо, односно се чини дека раководството на ССМ оди со ,, глава во ѕид”.
После последниот протест беше проѕвано членството на СОНК да се приклучи кон борбата за работничките права во образованието. Кој е Вашиот одговор?
На раководството на некои синдикати им станува јасно дека без СОНК како најголем и најорганизиран синдикат тешко можат да зголемат правата на вработените во образованието.
Секако, членството на СОНК нема да се приклучи на следните активности на ССМ и НСОН од повеќе причини:
1.Барањата на ССМ се неаргументирани во однос на повикување на Закон, Колективен договор или друг правен акт. Нивното барање е темели на наводно спроведена анкета.
2. Барањата им се нереални и збунувачки.
Се чини дека со овие барања синдикатот си поигрува со чувствата на најранливата категорија на работници, односно со нај сиромашните работници. Некој вели дека ова е популизам, јас велам дека ова е само промоција на одредени луѓе во раководството и нивно алиби дека нешто работат за работниците.
Што е овде збунувачки?
Ако 200 евра се покачи минималната плата а 100 евра останатите плати, дали тоа не значи селективност и дискриминаторски однос кон одредена категорија на работници? Дали тоа значи дека ке се укинат Колективните договори и дека ќе се примени нова методологија на пресметка на плати? Ако се применува методологијата по законите за јавна и државна администрација и законот за заштита на деца, значи ли тоа дека најниската плата ќе се зголеми за 200 евра, а останатите за 200 евра + 100 евра? Ако не е така, дали нема да дојде до компресија или приближување на платите на различни работни места? Дали ова барање не доведува директно до урамниловка? И конечно, дали не сфатија во ССМ и НСОН дека линеарното зголемување на платите е лош начин на пресметка на плата, што во претходниот период тоа многу јасно се виде во јавната и државна администрација, како и во детските градинки.
СОНК и КСС не се против зголемување на минималната плата и воопшто платите на работниците, што некој од немоќ сака да ја шири таа теза. Напротив, СОНК и КСС во континуитет работат и ги зголемуваат платите на работниците, користејќи ги сите расположливи синдикални средства. ССМ го одбра патот на протести, КСС и СОНК патот до успехот со преговори.
Како синдикат, кои се вашите заложби на кои ќе се посветите во текот на оваа година?
Конечно, очекувам да ги финализираме преговорите околу колективните договори за основно и средно образование. Се надевам дека МОН и Владата ќе изнајдат средства за планираните финансиски одредби во новите колективни договори и конечно ќе дојде до потпишување на истите. Тука се и колективните за Култура и Детска заштита, кои се веќе истечени, се во важност но треба да се обноват. Секако дека имаме и активности околу носење на законот за Високо образование, законот за детска заштита, реформираното гимназиско образование, и од важните активности можеби најважното, најавуваната оптимизација во основното и средно образование.
СОНК како единствен репрезентативен синдикат во образованието и детската заштита, како и досега, цврсто ќе стои во заложбата за остварување на правата на работниците во дејностите што ги застапува, особено на своите членови.

