Нема да ги реши наталожените проблеми, бараат Предлог законот за култура да се повлече
Реакција на работната група од дејноста Култура при СОНК, а во врска со предлог законот за културата.
ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА КУЛТУРА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ
На јавната расправа по Предлог-закон за култура одржана на 7 јули, во Кинотеката на Македонија, најголем број од присутните беа директори и раководни лица од институциите на културата, но, не присуствуваа и останатите кои се директно засегнати од овој Предлог-закон. Во неколку наврати во воведните излагања и самата министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека законот се работел од 2017 година и го нагласи учеството на синдикатите (СОНК и СКРМ). Ја потсетуваме министерката дека синдикатите не учествуваа во изготвување на текстот, туку откако номиниравме членови во работната група за ревидирање на Предлог-законот, се вклучија со забелешки на веќе готов текст (Решение за изменување и дополнување, бр. 53-5829/4 од 07.11.2022 год).
На последната средба, која се одржа на 22.05.2022 година, со надлежните од Министерството беше договорено финалната верзија на Предлог-законот да биде споделена во работната група, но, за жал, верзијата од овој Предлог-закон, без никаква најава и известување, беше поставена на ЕНЕР, а воедно за текстот на Предлог-законот беше закажана јавна расправа на 07.07.2023 година од 10-12 часот, во Кинотека.
СОНК не учествуваше во јавната расправа бидејќи не беше поканет како репрезентативен синдикат, а и немаше од каде да се информира за истата, бидејќи на официјалната страница на Министерството за култура, известувањето беше објавено еден ден пред јавната расправа на 06.07.2023.
СОНК, иако имаше голем број конструктивни забелешки и предлози, кои не се опфатени во новиот Предлог-закон за култура, но затоа во одредени делови во текстот се исполнети барања на поединци или одредени лоби групи. На ваквиот Предлог-закон за култура СОНК има забелешки кои се однесуваат на децентрализацијата на националните институции, нејасно дефинирање на дејности, немање категоризација на институции, законот нема јасно дефинирање на статусот на носители на дејност и стручен помошно-технички кадар, начинот на добивање и стекнување на стручно звање, распоредување на вработените на соодветно стручно звање итн.
Оттаму, со овој Предлог-закон за култура нема да се постигне современа правна рамка, нема да се решат наталожените проблеми во културата и се остава простор за манипулација. Затоа Предлог-законот треба да биде повлечен и да се доуреди онака како што доликува на една земја – кандидат за членка на ЕУ.
Работна група за законот од културата при СОНК
Latest posts by Редакција (see all)