ЕкономијаМакедонија

Право на гарантирана минимална помош – прв дел

Право на гарантирана минимална помош – прв дел
Состојбата во која се наоѓаат голем број од македонските граѓани воопшто не изгледа позитивна. Животниот стандард е на исклучително ниско ниво, потрошувачката кошница постојано се зголемува, платите остануваат непроменети, а цените вртоглаво растат. Токму поради тие причини голем број на граѓани се под ризик да имаат потреба од минимална помош.
Согласно Законот за социјална заштита право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува. За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош.
Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството. Основицата, изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со еквивалентна скала и тоа за: – вториот член за коефициент од 0.5, – третиот член за коефициент од 0.4, – четвртиот член за коефициент од 0.4 и – петтиот член за коефициент од 0.2.
Центарот за социјална работа е тој кој го определува носителот на правото на гарантирана минимална помош и истиот е должен да ја пријави бројната состојба на домаќинството, материјалната и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, при поднесување на барањето. Исто така носителот е должен да извести за евентуалните промени кои би настанале во текот на користењето на правото, а кои би влијаеле на остварувањето и на користењето на правото, и тоа во рок од 15 дена сметано од настанувањето на промената, до надлежниот центар за социјална работа.
Тимот на Јуридика