Преку унапредување на соработката до нови германски инвестиции
Влезот на нови германски инвестиции во земјава, покрај новите вработувања значи и внесување нови технологии во работењето, пренесување знаења и можност на домашните компании за заеднички настап на нови трети пазари. Тоа, пак, ќе овозможи зголемување на потенцијалите за извоз на македонските компании и зголемување на конкурентноста, оценија директорот на Агенцијата а странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески и директорот на Делегацијата на Германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс.
На денешната средба Павлески и Мартенс разговараа за унапредување на соработката во делот на привлекувањето нови германски компании да инвестираат во земјава. Стана збор за нови инвестиции во производството, но и за инвестиции во услугите кои можат да резултираат со значителен број добро платени позиции.
Соработката, како што беше речено, е од особено значење поради тоа што над 200 компании со германски капитал работат во земјата, а Германија традиционално е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија. Во таа насока беше заклучено во иднина треба да се искористи огромниот потенцијал што постои во моментот од кој би произлегле заеднички инвестициски проекти и можности за остварување нови бизнис партнерства меѓу компаниите од двете земји.

