„Работејте, чинејте, да ми се плати“
Колумна на Бобан Илијевски
Татко ми често пати ми кажува за времето кога работел во еден од гигантите на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Знае да се наврати на тоа време и со насмевка на лицето да ги споделува убавите моменти од неговиот работен век, како на пример за тоа дека земале двапати месечно плата и имале голем број на бенефити кои денешните работници можат само да ги сонуваат. Сепак, како што вели тој, и во тогашно време имало шефови коишто експлоатирале работници. Конкретно, имало некој шеф којшто цинично на работниците им велел: „Работејте, чинејте, да ми се плати“ или во превод, вие работете за да јас заработам.
Во денешно време горенаведената, да речам фраза, се користи од страна на голем дел од газдите во Македонија, само што тие тоа не го велат, туку преќутно го спроведуваат во пракса. До тој степен им се одврзани рацете, што се осмелуваат и да се закануваат со физичко насилство, што во едно општество коешто се смета за демократизирано, во никој случај не е дозволено, иако според сите работи коишто се случуваат во државата, ние сме далеку од демократија.
За време на Југославија, работникот бил во најгорниот дел на општествената пирамида, а со тоа бил и најценет. Од 1991 година па наваму, односно од осамостојувањето на Македонија, работниците паднаа на дното на пирамидата, за да на нивно место дојдат олигарсите кои силно го држат врвот, потпомогнати од одредени центри на моќ манифестирани преку државата.
Додека во Европа се унапредуваат правата на работниците и се размислува за воведување на флексибилно работно време или скратена работна недела, ние тука уште се соочуваме со неисплатени плати или придонеси од задолжително социјално осигурување; секојдневно ни гинат работници поради негрижата за нивната безбедност од страна на компаниите и надлежните; креираме нови системски закони за работните односи, без притоа да ги имплементираме веќе постоечките; се дозволува исплаќање на плата пониска од минималната и ред други работи коишто веќе треба да се решени.
Наместо да се занимаваме со суштински прашања, како што е токму трудовиот систем, ние се бавиме со дневна бесмислена политика, а ова се гледа по тоа што некои повеќе ги интересира кој победил на изборите, отколку животниот стандард. Истовремено, оние коишто се на власт го користат тоа во секоја прилика за да го одвлечат вниманието од суштинските проблеми. Мислам дека еден ден сите ќе се освестиме, но стравувам да не биде предоцна.
Јас сум оптимист и верувам дека ќе дојде време кога ќе се подобри ситуацијата во Македонија, и покрај тоа што моменталната ситуација шири голем песимизам. Отворете ги само коментарите под објавите на социјалните мрежи на некои од медиумите коишто се однесуваат на нешто поврзано со плати или економски стандард и се ќе ви стане јасно откако ќе прочитате неколку од нив.
Веќе станува банално да се пишуваат, анализираат и зборуваат истите теми, но тие постојано се вртат во круг, па оттаму е неизбежно да се повторат. Ова што ќе го кажам можеби ќе звучи нескромно, но јас сум еден од ретките новинари коишто се бави конкретно со оваа проблематика, којашто, верувајте е многу комплексна. Она што речиси за три години успеав добро да го научам е тоа дека работните односи се една посебна сфера којашто нема крај, како и е една од најважните во едно општество.

