Правда

Реформите во јавната администрација не се „поправен испит“, туку системска промена

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма истакна дека т.н. грејс период не претставува формално пролонгирање или „поправен испит“, туку договорена временска рамка со европските партнери за квалитетно, одржливо и системско спроведување на реформите во јавната администрација.

„Грејс периодот е дел од договорената реформска динамика со Европската Унија и се однесува на целата 2026 година. Законот за висока раководна служба е содржан во Стратегијата за реформа на јавната администрација и нашата цел е да го донесеме во предвидениот рок“ – нагласи Минчев.

Тој информираше дека процесот на носење на законот се одвива транспарентно, инклузивно и демократски, со активно учество на сите засегнати страни – институциите, синдикатите, експертската јавност и меѓународните партнери, што, како што посочи, не било пракса во минатото.

„Очекувам уште една јавна дебата во рамки на матичната собраниска Комисија за политички систем, по што комплетното законско решение да биде усвоено до крајот на април“ – изјави министерот.

Во однос на имплементацијата, Минчев појасни дека е неопходен период за донесување на подзаконските акти и усогласување со други закони, со цел новиот систем да функционира правилно и без правни празнини.

„Реформите не се случуваат преку ноќ. Ова е процес на градење систем. Со примената на законот, ВД-функциите ќе станат исклучок, а не правило, ќе се намали просторот за партизација и ќе се зајакне професионалноста и одговорноста на високите раководни позиции“ – потенцираше тој.

Минчев додаде и дека законот предвидува и значајни структурни промени, меѓу кои и намалување на бројот на членови во управните одбори, како и јасно уредување на статусот на директорите, државните секретари и управните органи.

„Целта е јасна, помалку партиски влијанија, повеќе квалитет, отчетност и стабилност во институциите“ – заклучи Минчев.