Со сегашниот предлог за недела како неработен ден, само мал број работници ќе бидат со семејствата овој ден
Според мене постојат два актуелни сегменти коишто ги засегаат работниците, а тоа се, сеуште не донесеното законско решение за Недела, како неработен ден и петтиот пакет мерки, за којшто е најавено дека ќе се донесе во текот на следната недела. Поради овие два сегменти, оваа колумна ќе ја поделам на два дела. Во првиот ќе се осврнам на неработната недела, а во вториот на петтиот пакет мерки.
Мал број од работниците ќе можат да бидат дома, заедно со своите семејства, во недела
Премиерот на Македонија Зоран Заев некаде во ноември најави дека недела ќе биде неработен ден, Министерството за труд и социјална политика го изготви законското решение, односно измената на Законот за работни односи и предлогот го стави пред социјалните партнери. Како драфт верзија, законското решение е веќе готово, само уште преостана да се утврди кој ден би требало да им биде слободен на оние работници коишто ќе работат во недела. Еден од предлозите беше, неработен ден, за оние коишто ќе работат во недела или сабота, да биде понеделник, но овој предлог наиде на отпор кај работодавачите, поради тоа што, според нив, некои од дејностите нема да можат да истрпат вакви строги одредби. Инаку, вкупно 34 дејности, според драфт верзијата на законското решение, ќе работат во недела и на истите, работодавачите, согласно истото, ќе треба да им исплатат на работниците надоместок за работа во недела.
Според предлог измените на ЗРО, член 2, став 4, цитирам: „Работникот кој по барање на работодавачот ќе работи на ден на неделен одмор, покрај правото на додаток на плата во согласност со закон и колективен договор, има право и на користење на неискористениот ден на неделен одмор најдоцна до крајот на наредната работна недела. Синдикатите бараат надоместокот да биде 50 %, односно оние работниците кои ќе работат во недела да земат дневница повисока за наведените проценти. Сепак, ставот 2 во којшто се наведува дека недела е ден за неделен одмор, не се однесува на работниот однос заснован со договор за вработување на определено време за вршење сезонска работа.
Исто така, од Владата најавија, како што објави ТВ24, дека примената на законското решение ќе се одложи до есен, односно до септември, поради тоа што требало да се даде време на економијата да заздрави од корона кризата.
Согласно податоците со којшто излезе Институтот за економски истражувања и политики Фајненс Тинк, само 43 илјади работници нема да работат во недела, додека 84 илјади работници ќе работат во недела. Некои од нив поради тоа што работат во дејности каде што не може да се прекине работниот процес, а некои бидејќи работат во нерегистрирани дејности. Овие податоци покажуваат дека само мал дел од работниците ќе го почувствуваат овој благодат и ќе можат неделите да ги поминуваат заедно со своите семејства.
Она што мене реално ме плаши е тоа дали воопшто ќе се почитува ова законското решение кога ќе стапи во сила, со оглед на тоа дека самиот Закон за работни односи, ниту некои од колективните договори не се почитуваат, но сепак, времето ќе покаже. Се надевам дека Инспекторатот за труд ќе излезе на терен и почесто ќе спроведува детални инспекциски надзори, особено во микро и малите претпријатија.
Ќе има ли повторно злоупотреби на државните пари наменети за работниците?
Во петтиот пакет мерки Владата има предвидено две мерки за зачувување на работните места во компаниите. Првата е, исплатата на плати, или подобро позната како „14,500 по работник“ и втората се бескаматните кредити. Владата првобитно сакаше да оди само со мерката бескаматни кредити, но по реакциите на бизнис секторот, се одлучи и мерката „14,500 денари по работник“ да продолжи. Оваа мерка им помогна на голем број на компании, но и голем дел ги злоупотребија парите и Управата за јавни приходи мораше да интервенира со присилна наплата.
Реално, не знам како ќе биде овој пат, но чисто се сомневам дека нема повторно да ги „зграбат“ парите од државната помош. Се додека не се санкционираат построго, нема да ги оттргнат рацете од парите на работниците.
Бобан Илијевски