Што ќе биде потребно за да се избегнат отпуштањата на работниците од текстилниот сектор?
Бобан Илијевски
Работниците во текстилната индустрија се во се потешка ситуација, не знаејќи кога ќе дојде денот, кога нивните работодавачите ќе им речат дека нивниот работен однос е завршен. За ваквата ситуација, според бизнис секторот, главен виновник е намалениот обем на работа којшто пак е предизвикан од падот на нарачките од странство.
Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија за Мета.мк изјави дека на илјадници вработени во текстилната индустрија во Македонија во текот на јули им се закануваат откази, а како главна причина за тоа е драстично намалениот обем на работа поради малите или стопирани нарачки од партнерите од странство. Ваквата ситуација трае од лани, а се должи на економските последици кои ги создаде корона кризата кои пак предизвикаа затворање на пазарите. Тој вели дека и покрај делумното стабилизирање на економиите, се уште нема нарачки за текстилни производи за македонските фабрики кои 90 % се ориентирани кон извоз. Тој смета дека оваа ситуација ќе трае уште една година.
Димитров за Мета.мк посочи дека во фабриката на којашто тој е сопственик веќе 50 вработени добиле откази, со не продолжување на договорите за работа поради намаленото производство за 50-тина %, во однос на 2020, кога се работело само за залиха, а за многу повеќе во споредба со неколку години претходно.
„Нема работа. Се заканува крах на текстилната индустрија и само во текот на овој месец околу 10.000 вработени ќе бидат прогласени за вишок. Ако сакаме да го спасиме барем малото „здраво ткиво“ што остана, мора да го намалиме бројот на вработените. Тоа секако ќе го направиме според законски прописи и со бодирање, зависно од социјалната положба на вработениот, за што е во тек подготовка на списоци. Дадовме опција за оние кои сакаат доброволно да си заминат и на оние кои се пред пензија, на кои ќе им поделиме седум плати. Оние пак, кои ќе се прогласат за технолошки вишок, ќе бидат обесштетени од државата, поточно заводот за вработување, зависно од стажот“, вели Димитров, пренесува Мета.мк
Посочи дека поддршката од Владата за исплата на плати, не ја подобри состојбата во текстилот, затоа што таа важеше само за февруари и за март. Од Владата им најавиле дека помош може да очекуваат само со бескаматни кредити за производство, што е засега, според него е, неприфатливо. Затоа што, како што вели, за да се вратат кредитите, треба да има продажба, односно нарачки од странските партнери, а тоа нема.
Кристина Ампева, претседателка на здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, во интервјуто за порталот „Работник“ вели дека исто како и во март 2020 година, од здружението дале прогнози дека текстилната индустрија нема да има проблеми се до септември 2020 година. Вели и дека дале препораки и мислења дека парите од државната помош и народниот буџет треба да се искористат за инвестирање и прилагодување на новонастанатата состојба со вирусот, односно дека државните фондови можат да помогнат во брза преориентација за производство на заштитна опрема против Ковид – 19, за да фабриките бидат конкурентни на европскиот пазар.
„За жал, нашиот народен буџет и државната помош која беше наменета за зачувување на работни места и исплата на минимална плата, беше злоупотребен од добар дел од работодавачите. Исто како и тогаш, нашите прогнози се дека ќе има дополнителна, многу поголема штета во наредниот период поради ново затварање на земјите бидејќи новиот сој на коронавирус ќе направи поголем ужас, глобално“, вели Ампева.
Според неа, кризата најмногу ќе ја почувствуваат земјите кои имаат проблем со корупција, имаат низок стандард и се недоволно развиени, како и поради несоодветните мерки, со цел да се намали штетата од ова криза.
Кога можеше да се спречи, вели Ампева, ние не направивме рез на лошите политики, туку ја продлабочивме кризата и дозволивме газење на човекови и работнички права, како и злоупотреба на народниот буџет.
Таа вели оти не гледа како можат сега да се спречат отпуштањата, надополнувајќи дека Македонија три децении удоволува на капиталот, притоа потенцирајќи дека тоа удоволување сега ќе ни се одрази, најмногу поради тоа што државата не смеела да биде мека кон нешто што е еднакво на воено профитерство – злоупотребата на државните пари.
Според неа, несоодветното и ненавременото санкционирање, дава слика дека се може да се поигрува со човечки судбини, со државните институции и буџетот, без притоа да се преземе одговорност.
Побаравме и став од Владата во однос на тоа како ќе им помогне на компаниите за да се избегне отпуштањето на илјадници работници од текстилниот сектор. Во прилог ви го посочуваме целосниот одговор на Владата:
„Владата е посветена за поддршка на стопанството и на граѓаните. Особено од аспект на поддршка за време на здравствено- економската криза КОВИД-19. Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните е планирано да продолжи се додека има потреба, односно се додека економијата целосно не заздрави.
Владата на Република Северна Македонија од почетокот на здравствено економската криза креира сеопфатни мерки во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, за да се сочува ликвидноста на компаниите, креира мерки за спас на секое работно место.
Покрај економски мерки, Оперативниот план за вработување за 2021 година, кој е во вредност од близу 25 милиони евра (4 милиони повеќе од претходната година) во своите програми ќе ги опфати сите оние кои за жал во оваа светска криза ги изгубија своите работни места. Тоа се 25 милиони евра за нивно брзо враќање на пазарот на труд. Нивното враќање на пазарот на трудот е инклузивно и поттикнува рамномерен регионален развој. Основниот принцип на планот за вработување ќе ги таргетира оние кои изгубиле работа за време на коронакризата.
Еден од главните приоритети на Владата е исплаќање на платите на оние вработени кои работат во загрозените индустрии во државата. Вториот приоритет е дали работодавачите ќе ги исплатат платите на вработените. Средствата ќе ги дадеме на работодавачите за да исплатат плати, тоа е нивна законска обврска. Креиравме шест пакети економски мерки, наменети за граѓаните и за компаниите, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството.
Со поддршката којашто ја овозможи Владата на засегнатите дејности сочувавме најмалку 80.000 работни места и поддржавме околу 15.000 претпријатија погодени од кризата со финансирање на дел од платата на два пати по три месеци.
Владата го презентираше Оперативниот план за 2021 година за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот кој за оваа година изнесува 1,5 милијарди денари и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица.
Целта на Оперативниот план е различни ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради корона кризата, побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот.
Заложбата на Владата е, и натаму останува да ја подобрува функционалноста на државата.
Освен преку економски мерки државата преку Интервентниот план за инвестиции планира амбициозна инвестициска агенда што ќе значи работа за фирмите и нивна поддршка, закрепнување на економијата“.
Фото: Freepik
- Пензионерите ќе можат да работат без да им се чепка пензијата - 06/10/2025
- Поевтини горива од полноќ - 06/10/2025
- Славески: Од утре плаќањата во евра стануваат ПОЕВТИНИ И ПОБРЗИ - 06/10/2025