Мејл од шефот или редење коцки со детето: На што ќе му дадете приоритет? – Искрено со Данче Азманова Мирчевска
Подгответе се! Следува интервју кое најмногу ги засега родителите. На прашањата одговара Данче Азманова Мирчевска, основач на платформата workingmom.mk. Таа во интервјуто споделува и свое искуство како мајка.
- Не е секогаш лесно да се направи еден баланс помеѓу работата и приватниот живот. Според твоето искуство и сведоштвата на твојата заедница на мајки Working Moms, кои се најголемите генерални предизвици со кои се соочуваат родителите во менаџирањето на балансот помеѓу работата и приватниот живот?
Заблудата дека можат да држат сѐ под контрола, дури и само со неколку часа сон.
Балансот помеѓу работата и приватниот живот е една преубава фраза, што звучи навистина фенси, арно ама се сведува на една една едноставна филозофија – поставување граници. Поставување приоритети.
Дали навистина е толку важно јас да си го проверам мејлот во 8 часот навечер кога детево ме чека заедно да скокаме на креветот или да градиме замок со коцки? Зарем потребите на шефот се побитни од потребите на детето?
Затоа и не ме чуди што сѐ поголем број на родители очигледно разочарани од нефлексибилните услови што компаниите ги нудат, решаваат да започнат нешто свое. Да работат за себе и сами да одлучат дали кога ќе им се јават од градинка дека детето им качило температура ќе се препотуваат како да му објаснат на шефот дека мораат итно да излезат, или само ќе затворат компјутер и ќе се фокусираат на она што е најважно – благосостојбата на детето.
Целиот баланс и жонглирање на обврските се сведува на најискрено одговарање на следниве прашања:
Што мене лично ми е приоритет? Кој и што го заслужуваат мојот фокус?
Сѐ друго е ирелевантно.
- Кое е Вашето лично искуство како мајка? Дали и како го вклучувате детето и во своите професионални обврски?
Во последен период кога син ми веќе е 2ипол години и можеме добро да се разбереме, се обидувам каде што е соодветно да го вклучувам и син ми.
Многу често доаѓа со мене на настаните што ги организираме со Мама Круг, заедно ги пречекуваме учесниците, им даваме подарочиња, се вмрежуваме.
Редовно ми е плус 1 и на настани што ги посетувам. Таму најчесто ми е предизвик да сум 100% фокусирана на настанот, бидејќи не можеш да задржиш едно мало детенце 2 часа на столче, какви и трикови да му правиш.
Но, тие што се родители во публика, сосема го разбираат ова и се смешкаат бидејќи знаат точно како е.
Многу ми е важно да го вклучам и во мојот професионален живот и да му покажувам уште од мали нозе што точно работи мама и колку таа ужива во истото. Затоа што работењето не секогаш значи да си мизерен 8 часа во денот и да седиш на столче.
- Често слушаме колку мајките се обесправени во компаниите, особено оние со мали дечиња. Која е темата на која што сметаш дека треба најмногу да се крева галама?
Во последен период, еден од најголемите предизвици што се споделуваат во заедницата се поврзани со договорите за вработување што магично се поклопуваат да завршат со денот кога мајката треба да се врати на работа од породилно.
Затоа, наскоро ќе имаме силна кампања за неправдите што се нанесуваат врз мајките кога се на породилно отсуство, кога ќе се вратат назад на работа и слично. Целта е да не бидеме доведени во заблуда од бруталните шефови што само сакаат да заштедат повеќе на наш грб.
- Кое е решението? Како да се постигне тој баланс и дали воопшто е достижен?
Решението е – поставување граници и телефоните настрана. Особено 2то. Факт е дека колку повеќе постираш слики од детето толку помалку време поминуваш со него.
Која е потребата јавноста да го знае секој чекор на вашето дете, што јадело, како било облечено за во градинка, најновите играчки што ги добило, каде шетало за време на празниците?
Зошто едноставно не си ги изгасиме телефоните и да уживаме со детето а не опсесивно да го сликаме секој негов чекор?
Зошто ни е потребна надворешна валидација дека сме добри мајки?
Се фрустрирам кога ќе видам како некој родител низ социјалните мрежи покажува изливи на љубов кон детето, а вака во живо едвај ги приметува. Ми се крева косата.
Затоа и моментално подготвувам детска сликовница на оваа тема што ќе биде многу поучна и за возрасните. Деталите за промоцијата наскоро. 🙂
Во меѓувреме, не мора да поминувате низ мајчинството сами и постојано да чувствувате осамени.
Ве охрабрувам да ни се придружите во Working Moms заедницата, да го споделите своето искуство и предизвици како родители и ајде заедно да ги рушиме табу темите околу мајчинството.
Линк до newsletter заедница: https://workingmom.mk/zaednica/
Линк до Viber заедница: https://invite.viber.com/?g2=AQBiU5aIfJaL%2BFQJmx3lc4IAOScSZEOWEkER8WW8wyKMLR6WMv%2Fcz3ftvSHwRrKH
Следете ги нашите активности на:
Инстаграм: https://www.instagram.com/workingmommk/
LinkedIn: https://www.linkedin.com/company/working-mom-mk/?
Веб-сајт: https://workingmom.mk/