Адвокатката Ристова: Починатиот работник од Кина работел без регулиран работен однос во ИГМ ТРЕЈД
Фејсбук статус на адвокатката Маја Ристова:
Не знам дали знаете дека работникот од Кина, кој неодамна почина на работното место, работел во ИГМ ТРЕЈД Кавадарци. Медиумите случајно или намерно не објавија за која фирма станува збор.
Сопственикот на фирмата, “локалниот шериф“ Илија Гечев, според написите во медиумите, го ангажирал младиот дечко (38 год.) иако не му бил регулиран престојот и работниот однос.
И истиот овој шериф, денес при посета на фабриката, со моите клиенти (фамилијата на починатиот), не ми дозволи влез обраќајќи ми се зборовите: “Ти ма, не можиш да влезиш, да си ојш, која си ма ти”, “Они може да влезат, ти надвор”. Култура на ниво.
Јас онака фрапирана на односот, не стигнав да му кажам која сум, иако сакав, ама нервозен беше, па не сакаше да ме слуша.
Па еве сега да му кажам, верувам ќе стигне до него:
Вака Иле, јас сум адвокатка која својата работа ја темели на закон, на вистина и на правда. Не се плашам од титули, „моќници“, ниту ме засега кој од која политичка партија е.
Јас сум адвокатка која ќе се погрижи институциите да ја завршат својата работа – законски, транспарентно и до крај. Ќе се отвори секој документ, ќе се разгледа секој доказ, и ќе се чуе гласот на оние кои немаат можност сами да се бранат – како младиот човек што го загуби животот на твоето работно место. Нема да биде лесно да заташкаат, верувај ми.
А што се однесува до твојот однос кон мене – не грижи се. Навредите не ме допираат. Само ме мотивираат повеќе.
Затоа, од денес, ова повеќе не е само прашање на еден трагичен случај, туку и на одговорност, на достоинство и на закон.
Можеби ќе се понадеваш дека предметот ќе заврши како тој во 2017 година, но само да те потсетам дека јас тогаш не сум била вклучена во процесот, па не ќе можеш така лесно, верувај ми.
Те поздравувам и се гледаме – но овојпат не пред портите на твојата фабрика, туку пред институциите кои ќе решаваат за тоа што навистина се случило.