Какви се овие работни места? Слушач на сирење, чистач на уши, набљудувач на сушење боја…
Постојат бројни работни места за кои веројатно досега не сте слушнале (а можеби дури ви делуваат како да се измислени), но сепак, за некои луѓе тие се сосема нормален дел од работниот ден. Од работници кои ги туркаат патниците во вагоните на метрото, преку луѓе кои ве успиваат со разговор, до професионалци кои „слушаат“ сирење – ви претставуваме некои од најнеобичните работни места во светот.
Покрај познатите занимања, ширум светот постои цела низа работи што звучат како анегдота, но всушност се дел од сериозни индустрии. Некои од овие професии настанале од практична потреба, други од традиција, а трети како одговор на современиот начин на живот.
Ошија (туркач во метро)
Во Токио, каде што метрото функционира како совршено усогласен механизам, гужвите се нормален дел од секојдневието. За возовите да тргнат навреме, тука се „ошија“ – работници чија задача е да ги туркаат патниците во преполните вагони.
Професијата настанала во САД во дваесеттите години на минатиот век, но Јапонија го прифатила овој модел во 1964 година, за време на подготовките за Олимписките игри. Денес сличен систем постои и во некои кинески градови. Работата бара физичка издржливост, смиреност и работа со голем број луѓе, а често ја извршуваат студенти по кратка обука, пишува RT Balkan.
Слипмејкер (личност што помага да заспиете)
Во Кина и други азиски земји постојат луѓе чија работа е да им помагаат на другите да заспијат. Слипмејкерите им помагаат на оние што страдаат од несоница преку тивки, смирувачки разговори по телефон. Побарувачката за ова занимање расте, особено меѓу младите кои работат во режимот „996“ (од 9 до 21 часот, шест дена во неделата). Клучните вештини за оваа работа се пријатен глас, емпатија и добра комуникација.
Слушач на сирење
Во Италија постои необична професија со која се утврдува квалитетот на сирењето. Станува збор за слушач на сирење, кој со мал чекан удира по тркалата пармезан, а потоа според звукот проценува дали сирењето правилно зрее и дали процесот се одвива како што треба.
Сирењето може да зрее и до три години, а една погрешна проценка може да значи губење на цела серија. Оваа работа често се пренесува од генерација на генерација и бара исклучително развиен слух.
Набљудувач на сушење боја
Во градежната и хемиската индустрија постојат луѓе чија работа е да гледаат како се суши бојата – и тоа со добра причина. Тие ги следат промените во текстурата, бојата, реакцијата на светлина и влага, како и брзината на сушење, со цел да се процени квалитетот на производот. Ова занимање бара техничко знаење и образование од областа на хемијата или инженерството.
Пастир на патки
Во некои лозја во Јужна Африка, но и во Азија, патките се користат како природна заштита од штетници. Пастирот на патки води јато низ лозјата или оризовите полиња, каде што патките јадат инсекти и ги штитат посевите.
Оваа еколошка практика се применува со децении и бара физичка активност и искуство во работа со животни.
Чистач на уши
Ова е древна професија која сè уште опстојува во Индија и Кина, а денес најчесто е туристичка атракција. Специјалисти на улица користат различни алатки – од метални стапчиња до пердуви – за да го исчистат ушниот канал на муштеријата.
Во Кина овој процес често вклучува и елементи на традиционалната медицина, како стимулација на акупунктурни точки. Најпознато е во Ченгду, каде што е популарно и меѓу локалното население.
Нуркач за голф-топчиња
На голф-терените ширум светот, топчињата често завршуваат во езера и бари. Професионални нуркачи ги вадат од дното, ги чистат и ги враќаат во употреба, со што им заштедуваат пари на клубовите. Работата бара добра физичка подготвеност и искусно користење опрема за нуркање.
Дадилка за панди
Во кинеската провинција Сечуан постои центар за заштита на џиновските панди, каде што вработените се грижат за младенчињата – ги хранат, си играат со нив и им помагаат во социјализацијата. Често носат и костими на панди додека работат, за животните полесно да се приспособат. За оваа работа не се потребни посебни квалификации, но љубовта кон животните и трпението се задолжителни.
Извор: Bizportal.rs
Аудио верзија:

