Петдневен штрајк на вработените во железницата во Белгија
Вработените во белгиската државна железничка компанија, СНЦБ/НМБС, од вчеравечер во 22 часот започнаа со штрајк, кој се предвидува да трае до петок во 22 часот.
Управата на СНЦБ/НМБС соопшти дека, и покрај прекинот на работа, железничкиот превоз нема да биде целосно стопиран. Одреден број на возови ќе функционираат, опслужувани од персоналот кој не учествува во протестот.
За денеска е најавено функционирање на три четвртини од меѓуградските возови, како и околу две третини од локалните и приградските линии.
Штрајкот е инициран заеднички од пет синдикални организации, кои изразуваат незадоволство од предлог-законот за реорганизација на железницата, презентиран од белгиската влада минатиот месец.
Владата смета дека предложената реформа ќе доведе до модернизација на работењето на државната железничка компанија, вклучително и укинување на вработувањата на неопределено време во СНЦБ/НМБС.
Сепак, синдикатите не се согласуваат со овој пристап, потенцирајќи дека статусот на вработените како постојани државни службеници обезбедува квалитетна јавна услуга, како за вработените, така и за патниците.
Синдикатите, исто така, изразуваат загриженост дека планираните промени ќе ѝ овозможат на управата на компанијата да носи одлуки без нивна согласност. Дополнително, синдикалните организации се незадоволни од условите за работа во железницата, владините реформи на пензискиот систем и „генералното влошување на јавните услуги“.
„Не станува збор само за работните места на железничките работници. Ова е идеолошка дебата за иднината на јавниот сектор“, изјави Пјер Лежен, претседател на Генералната конфедерација на железнички работници во јавниот сектор.
Во текот на 2025 година, вработените во СНЦБ/НМБС имале вкупно 27 денови штрајк, од кои 21 биле организирани од железничките синдикати, додека останатите биле дел од генерални штрајкови на национално ниво.
Паралелно, од денеска, вработените во јавниот градски транспорт во Валонија стапија во штрајк на неопределено време, што се очекува да предизвика прекини и намалувања во автобускиот и трамвајскиот превоз во овој белгиски регион.

