Roche“ најавува инвестиции од 50 милијарди долари и отворање 12.000 работни места во САД
Швајцарскиот фармацевтски гигант „Roche“ во вторникот објави дека во следните пет години ќе инвестира 50 милијарди долари во САД, истакнувајќи дека неговата цел е извозот на фармацевтски производи да го надмине увозот.
Компанијата ќе отвори илјада работни места во нови и проширени капацитети, а дополнителни 11.000 ќе се отворат во градежништвото и помошни работи за новите производствени капацитети, се вели во соопштението.
„Roche“ во САД вработува 25.000 работници во 13 производствени капацитети и 15 центри за истражување и развој, а инвестицијата потврдува дека САД се важни за него, изјави извршниот директор Томас Шинекер.
Кога ќе започнат да работат новите и проширени производствени капацитети, „Roche“ ќе извезува повеќе лекови од САД отколку што моментално увезува на американскиот пазар, нагласуваат од швајцарската компанија.
Со инвестицијата, „Roche“ ќе ги прошири производствените и дистрибутивните центри во сојузните држави Кентаки, Индијана, Њу Џерси и Калифорнија. Во Пенсилванија ќе градат нова фабрика за производство на генски терапии, а во Индијана фабрика за решенија за континуирано следење на концентрациите на гликоза во крвта.
Компанијата, исто така, ќе изгради нова фабрика за производство на лекови за слабеење и ќе формира центар за кардиоваскуларни, бубрежни и метаболички истражувања во Масачусетс.
„Со инвестирање 50 милијарди долари во следните пет години, ќе ги поставиме темелите за нова ера на иновации и раст, за доброто на пациентите во САД и ширум светот“, рече Шинекер, неспоменувајќи ја најавата на Вашингтон за можни царини за увозот на лекови.
Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица отвори истрага за увозот на лекови, нагласувајќи дека неговата цел е да го поттикне домашното производство. САД минатата година увезле фармацевтски производи во вредност од речиси 213 милијарди долари, трипати повеќе отколку во 2014 година, според трговските податоци на Обединетите нации.
Пред десет дена швајцарски „Novartis“, објави дека, исто така, во следните пет години планира да инвестира 23 милијарди долари во производство и истражување и развој на лекови во САД, а значителни инвестиции планираат и „Eli Lilly“ и „Johnson&Johnson“.

