Се заострија условите за кредитирање, покус рок на отплата, повисока рата, задолженоста во банките над 9,6 милијарди евра!
Заклучно со првото економско полугодие, вкупната кредитна изложеност на банките достигна 9 610 400 000 евра. Кредитирањето е во пораст но расте и салдото на нефункционалните кредити, пишува Порталб.мк. НБМ посегна по мерки со кои ги заостри условите за станбените и потрошувачките хипотекарни кредити. Зошто монетарната политика посегна по заострување и што ќе значи тоа за граѓаните?
Што ќе значат новите мерки на НБМ за кредитирање на граѓаните?
И банките и граѓаните почнаа со пресметки. Од 1 ви декември на сила стапуваат новите правила за станбени и за хипотекарни потрошувачки кредити. Рокот за отплата на станбените кредити се скратува за 5 години, наместо максимални 30, кредитот ќе се отплаќа на 25 години. Кај хипотекарните потрошувачки кредити, од досегашните 20 години на најмногу 15 години. Заострени ќе бидат и условите за износот на ратата во однос на платата кој ќе изнесува 45% за денарски и 40% за валутни кредити.
Овој пакет на мерки според економистите што ги праша “Порталб” ќе влијаат на цената на “кредитите”, поради скратување на рокот на отплата , автоматски ќе се зголеми висината на месечната рата. Дополнително, заострените услови може да влијаат врз намалување на побарувачката за кредити што пак може да се одрази врз вкупната економија.
“Сметам дека Народната банка на некој начин го следи трендот во САД и во ЕУ, каде во изминатиот период во фокус се хипотекарните долгорочни кредити и темата за задолженост на домаќинствата. Овие категории на кредити во глобални рамки, поради кризата со која се соочува светската економија, се дефинираат како ризични. Ваквите потези на нашиот пазар ќе се одразат на повеќе начини, од намалена побарувачка за кредити до поскапување на кредитите поради самиот факт дека рокот за отплата се скратува , што ќе доведе до повисока месечна рата. Станбените кредити се дел од секторот градежништво, која пак го сметаме како носечки за економскиот раст. Од една страна зборуваме за градежна растечка индустрија, од друга страна се затега ременот за станбено кредитирање, што едноставно значи се намалува куповната моќ на граѓаните”, вели економистот Абил Башу.
Посочува дека ние сме земја во која традиционално, граѓаните купуваат недвижности односно вложуваат во станови, и ќе биде важно да се види како овие мерки на НБМ ќе се “вклопат” во сценариото за раст на градежниот сектор кој се смета за важен сегмент на економијата.
Домаќинствата должат скоро 2 милијарди евра за станбени кредити
Заклучно со првото полугодие од годинава вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 9 610 400 000 евра. На квартално ниво, кредитирањето на домаќинствата е зголемено за 3,7% а најголем удел имаат токму станбените и потрошувачките кредити.
“Растот и натаму во најголем дел произлегува од растот кај потрошувачките и станбените кредити ” – велат од НБМ.
Монетарната власт пристапи кон заострени мерки во услови кога банкарскиот сектор е оценет како стабилен, со ликвидност што е на задоволително ниво но со одредено намалување. Од друга страна, според официјалните податоци, се забележува пораст на нивото на нефункционални кредити.
“Солвентноста на банкарскиот систем бележи раст, останувајќи на високо и солидно ниво. Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, иако показателите забележаа извесно намалување. Квалитетот на кредитното портфолио се одржа на високо ниво, при минимален раст на стапката на нефункционални кредити” – се наведува во новиот Извештај за ризиците на банкарскиот сектор и се посочува дека порастот произлегува од кредитното портфолио на компаниите.
Нефункционални кредити
1 квартал 2026 181462 000 евра
2 квартал 2026 189 500 000 евра
Извор : НБМ
Во вкупната кредитна изложеност на банките во износ од 9 610 400 000 евра, кредитите на домаќинствата, според пресметката на “Порталб”, имаат удел од 53% или износ од 5 064 000 евра.
Кредитна задолженост на домаќинствата
Потрошувачки кредити 2 508 458 000 евра
Станбени кредити 1 911 500 000 евра
Кредитни картички 307 305 200 евра
Негативни салда на теков.сметка 250 200 000 евра
Извор : НБМ
Според последните достапни податоци, домаќинствата најмногу должат по основ токму на потрошувачки и на станбени кредити. Конкретно, на крајот на првото банкарско полугодие по основ на потрошувачки кредити задолженоста изнесувала повеќе од 2 508 000 000 евра а за станбени кредити над 1 900 000 000 евра.

