СветСиндикат

Затворен Лувр: четврти пат во последниот месец

Музејот Лувр денеска остана затворен по четврти пат од почетокот на штрајкот на дел од вработените, кои од средината на декември бараат подобри работни услови, соопшти парискиот музеј.

Синдикатите на најпосетуваниот музеј во светот, парискиот Лувр, одржаа неколку рунди преговори со Министерството за култура и со управата на музејот, но решение сè уште не се наѕира, пренесува „Фигаро“.

На генералното собрание, најмалку 300 вработени утрово гласаа за продолжување на штрајкот, започнат на 15 декември со цел да се укаже на недостигот од персонал и на разликите во платите во однос на другите вработени во Министерството за култура, соопштија синдикатите CGT и CFDT.

„Она што ни треба е политичка волја за овие разлики во платите да се надоместат без одлагање“, изјави Кристијан Галани, претставник на синдикатот CGT кој ги застапува вработените во музејот Лувр.

Тој додаде дека сака сериозно да ја сфати министерката за култура Рашида Дати, која ги оцени барањата на штрајкувачите како „легитимни“.

„Ако нашите барања се легитимни, таа мора да се позанимава со нив пред да го напушти Министерството за да се кандидира за градоначалничка на Париз“, рече тој.

Според Валери Бо од CFDT, управата на Лувр вчера доставила „прва верзија“ на предлог за работните услови, која вработените ја оцениле како „недоволна“.

Од почетокот на штрајкот, музејот бил принуден трипати целосно да ги затвори вратите, и исто толку пати бил делумно отворен. Во средината на јануари, Лувр процени дека загубата на приходи поврзана со штрајкот изнесува најмалку еден милион евра.

Извор: b92.net