Светот на работникот

Зошто сè повеќе вработени сакаат да дадат отказ и во кои професии проблемот е најголем?

Сè поголем број вработени размислуваат за напуштање на работата, а анализата на интернет-пребарувањата открива во кои професии тоа чувство се јавува најчесто.

Компанијата Profit Engine ги анализирала поимите што луѓето најчесто ги пребаруваат на Google кога размислуваат за промена на кариера. Меѓу нив се изрази како „burnout“, „стрес“, „отказ“ и „заминување“. Овие поими потоа биле поврзани со конкретни занимања со цел да се утврди каде незадоволството на вработените е најизразено.

Според резултатите од анализата, вработените во следниве пет професии најчесто размислуваат за давање отказ.

Здравствени негуватели

На врвот на листата се здравствените негуватели. Во оваа група спаѓа помошниот здравствен персонал – од оние што земаат крвни примероци, до асистенти и вработени задолжени за одржување на просториите.

Станува збор за физички и емоционално исклучително напорна работа. Често е слабо платена и проследена со минимална институционална поддршка. Вработените се изложени на постојани физички напори, болести и емоционална исцрпеност, наведува YourTango.

Наставници

Наставниците исто така се издвојуваат по високо ниво на незадоволство. Главната причина е професионалното согорување.

Покрај работата во училница, наставниците истовремено планираат настава, ги прегледуваат и оценуваат работите, комуницираат со родителите, извршуваат административни задачи и работат со ученици со различни потреби. Сето тоа често доаѓа со ниски плати, работа надвор од стандардното работно време и постојан притисок од образовната администрација.

Медицински сестри

Медицинските сестри и пред 2020 година работеа во исклучително тешки услови, а пандемијата дополнително ја влоши ситуацијата.

Анализата истакнува работа во средина со висок притисок, каде грешките можат да имаат сериозни последици. Тука се и хроничниот недостиг на персонал, преголемиот број пациенти по смена и сменската работа што го нарушува сонот и приватниот живот. Според податоците, состојбата ни по пандемијата не се подобрила значително.

Лекари

Сè поголем број лекари размислуваат за напуштање на професијата, и покрај високите примања.

Покрај општите проблеми во здравствениот систем, особено се истакнува големиот дел од работното време што оди на административни борби со осигурителните компании околу одобрување терапии и зафати. Тоа дополнително ја зголемува фрустрацијата и чувството дека системот повеќе не функционира.

Правници

И правниците се меѓу високо платените професии со изразени знаци на согорување.

Според анализата, тие работат во исклучително конфликтна и конкурентна средина, често со екстремно долго работно време. Ова е особено изразено во областа на корпоративното право, каде високите плати сè почесто не можат да ја надоместат цената што таквиот начин на живот ја остава врз здравјето и приватниот живот.

Иако на проширената листа се наоѓаат и други занимања, заеднички именител за сите овие професии е – согорувањето.

Како што истакнува извршниот директор на Profit Engine, Џејсон Морис, пребарувањата поврзани со исцрпеност далеку ги надминуваат оние што се однесуваат на плата или напредување во кариерата. Тоа јасно покажува дека проблемот лежи првенствено во условите за работа, а не само во финансискиот аспект.

Извор: BIZLife/K. J.

Аудио верзија: