Административците и техничкиот персонал во ГОБ „8-ми Септември“ излегоа на протест
Со транспаренти „И ние сме здравство и работиме во Ковид-болница“ вработените административци и технички персонал во Градската општа болница „8-ми Септември“ денеска протестираа пред објектот на болницата.
Тие барат да бидат опфатени со еднократната помош од 30.000 денари кои ја добија вработените во ковид-центрите.
-Сакаме да го истакнеме својот револт од крајно понижувачкиот и некоректен однос кон нас. Имено, со одлука на Влада беше исплатен еднократен паричен надоместок за сите вработени во ковид-центрите, од кои, само ние 195 вработени бевме изземени, односно дискриминирани. Сакаме да укажеме на фактот дека согласно дадената наредба уште на почетокот на пандемијата ние сме постојано вклучени во процесот на работа и поддршка со ковид-пациенти, без право на користење на годишни одмори, отсуства и неможност да работиме од дома бидјеќи нашите работни задачи не го дозволуваат тоа, вели вработена во администрација на ГОБ „8-ми Септември“.
Дел од нив реагираат и дека работат без продолжен договор за работа, а 150 лица се без решение за работа веќе шест години.

