Ампева: Поволностите треба да важат за сите работници еднакво
Дискриминирачки е постојано да се носат поволности само за јавната администрација, особено земајќи го во предвид фактот дека ова се случува во предизборие, вели Претседателката на Гласен Текстилец Кристина Ампева во интервјуто за Утрински брифинг.
„Јас сфаќам дека дека е предизборие и дека треба да се добијат гласови на јавна администрација, меѓутоа ова не е одржливо. Ние збориме за македонска економија, а не за германска економија. Цело време да нудите поволности за јавната администрација и после се чудите зошто младите си оделе од државата или зошто на младите им е најслесно да бидат дел од некоја политичка партија за да дојдат до вработување во јавна администрација“, вели Ампева.
Таа смета дека не е одржливо, бидејќи јавната адмнистрација зема плати благодарение на нашиот буџет – народен буџет. Истакна дека се знае добро кој го полни буџетот, тоа се вработените од приватниот сектор.
Потенцираше дека наместо да гледаме да имаме поголема куповна моќ на граѓаните/работниците од приватниот сектор, имаме К-15 за јавната администрација, а притоа имаме Колективен договор за стопанство којшто го има потпишано Сојузот на синдикати на Македонија, каде што е дозволено дури 100 денари К-15 да се исплати на работниците од приватниот сектор.
„Сега имате дополнително намалување на работното време со истата плата, ист коефициент, ништо не се менува. Ниту јас, ниту пак здружението има нешто против намалувањето на работното време, меѓутоа македонската економија не може да си го дозволи тоа и е дискриминаторски. Дополнително има уште еден член во истиот закон, член 86 каде што се вели ‘државните советници вработени до денот на започнување на примената на овој закон, за кои нема да има работни места на кои би биле распоредени, можат да бидат предвремено пензионирани доколку на денот на влегување во сила на овој закон имаат навршени 55 години старост и 15 години работен стаж’. Дали е ова бенефициран стаж“, вели Ампева.
Таа посочи дека повлностите треба да важат и за приватниот сектор. Смета дека доколку се нуди 36 часа работно време на јавната администрација, треба да се понуди и на приватниот сектор. Притоа праша зошто приватниот сектор да не носи сите на грб? Според неа, не е во ред.
Ампева рече дека ретки се тие работодавачи во текстилната индустрија коишто исплаќаат целосен износ на К-15.

