Беџети за РСЕ: Инфлацијата не може да остане на проектираното ниво, според индексот на цените на мало веќе достигнува четири проценти
Академикот вели и дека енергетскиот биланс на Македонија некаде околу 80 отсто зависи од термоелектрани, а 20 отсто од хидроелектрани. Во овој момент, како што посочува, хидро-резервите и потенцијалите се на можеби историски најниско ниво и тоа веројатно многу ќе нè погоди
„Обично прехранбените производи во таа кошничка учествуваат доста значајно, до 40 отсто. Тоа секако може да ги погоди основните прехранбени производи, почнувајќи од жито, леб, млеко, масло и другите прехранбени производи. Семејства кои се социјално загрозени ќе бидат во многу тешка состојба. Во таа смисла не мислам дека ова алармирање што беше дадено од стопанствениците е реално до толку, барем не за овој период, зборуваме за три-четири месеци. Освен кај енергенсите, каде што веројатно состојбата ќе биде сериозна во тој дел. Нормално енергијата е инпут на секој производител, на секој транспортер и по тој верижен систем влијае во преносот. Покачување на енергијата влијае на покачување на цените“,вели Беџети.
Тој вели дека енергетскиот биланс на Македонија некаде околу 80 отсто зависи од термоелектрани, а 20 отсто од хидроелектрани. Во овој момент, како што посочува, хидро-резервите и потенцијалите се на можеби историски најниско ниво и тоа веројатно многу ќе нè погоди.
„Од друга страна, со либерализацијата на енергетскиот пазар, многу компании кои влегоа либерално да набавуваат струја склучиле договори кои испорачателите на енергијата нема да можат да ги исполнат и веројатно таму може да дојде до поскапување од 40 до 50 отсто на испорачаните производи од енергетскиот биланс. Тоа многу ќе ја комплицира состојбата и веројатно ќе се бараат алтернативни решенија од каде би можеле за одреден период од три до шест месеци да се зајакне тој капацитет. Веројатно ќе се ангажираат дополнителните капацитети на термоелектраните, но со увоз на јаглен и тоа на поквалитетен јаглен. Тоа се можностите и комбинациите и веројатно ова ќе потрае затоа што доаѓа и сезона на побарувачка на електрична енергија, па и на енергенси генерално, било да се нафтени деривати, струја и сето тоа дополнително ќе ја комплицира состојбата. Владата сериозно треба да го разгледа енергетскиот биланс и да најде начини и модалитети како тоа да се контролира“, нагласува Беџети.
Тој, исто така, вели дека годишно се трошат по околу 130 милиони евра субвенции за земјоделството, а производството не е зголемено. Потребна е, нагласува, промена во моделот на субвенционирање. Наместо да се субвенционира површина, треба да се субвенционира произведена количина.

