Колумни

Еве што вели Извештајот за тоа како функционира Агенцијата за вработување во Македонија

Со секое мое писание се обидувам да ја подигнам свеста на работникот, за тоа колку е важно да се бори за своите работнички права коишто му следуваат според законските прописи, колективните договори и меѓународните конвенции на Меѓународната Организација на трудот. Во речиси сите мои колумни досега ги критикувам најмногу работодавачите, но во оваа колумна се одлучив да пишувам од друг агол.

Секој работник кога е на работното место е должен да ги заврши своите работни обврски, впрочем и поради тоа е вработен. Кога веќе се нафатил да работи на некоја работна позиција, реално е да даде максимум од себе за да работната задача ја заврши што е можно подобро. Совршенството не постои никаде, па така ниту во извршувањето на самата работна задача. Луѓето во Македонија се научени да работат се и сешто, бидејќи многумина од нив не се во ситуација да бираат работни места поради ситуацијата во државата. Ова е една од најчестите причини зошто некои работници не ги извршуваат своите работни задачи како што треба. Едноставно не се задоволни од работата, бидејќи онаа којашто ја сакале не можеле да ја добијат. Работат само за да можат да заработат, а не и поради тоа што самата работа ги исполнува. Кога работиш работа која не те исполнува, настанува еден голем проблем – почнуваш да чувствуваш одбивност кон истата, што е за разбирање. И јас сум го искусил тоа, па оттаму знам како е да не сакаш да одиш на работа, бидејќи едноставно не ја сакаш работата, но од друга страна ти се потребни пари, па со сила се тераш да одиш. Со тоа автоматски се создава незадоволство и работникот губи поим за среќа. Мора овој проблем да се реши, но како да се реши?

Читајќи го најновиот Извештај на веб платформата Балкон3 којшто е финансиран од страна на Европската унија и се нарекува „Приоритетни проблеми со почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија“, (се извинувам за зборот помеѓу Република и Македонија, така стои на Извештајот) најдов една глава каде што Извештајот дава заклучоци околу работничките права. Во оваа глава има еден пасус којшто откако го прочитав го потврди она што веќе го знаев и тоа не само јас туку сите луѓе во Македонија.

Имено текстот на тој пасус гласи вака:

„Агенцијата за вработување на РСМ, од друга страна, наместо посредник помеѓу побарувачката и понудата на работна сила, често претставува само агенција за водење на статистика на невработени лица (во јавноста се има впечаток дека освен евиденција, со исклучок на активните мерки за вработување АВРСМ не придонесува значајно во намалување на невработеноста која е горлив проблем во општеството).“

Како новинар испратив коментар до АВРМ околу ова тврдење во Извештајот, но не добив никаков одговор. Се прашувам зошто?

Тука морам да бидам објективен. Агенцијата за вработување не е имитација на Државниот завод за статистика од сега. Таа е иста со години, што значи дека и во времето на претходната власт не била нешто подобра, но не и сега.

Намената на оваа Агенција е да им овозможи на луѓето работа, а на работодавачите работници, но таа не ја извршува оваа функција. Е сега, се поставува прашањето зошто? Одговорот треба да го дадат тие коишто ја воделе и ја водат.

Луѓето најчесто се обидуваат да најдат работа преку веб страни или пак преку Агенции за посредување при вработување, но поради моменталната ситуација во сферата на трудот и тоа многу тешко оди.

Поради тоа, постојано велам дека потребна е сурова трудова реформа со којашто ќе се реформира и самата Агенција вработување, за да биде во служба на луѓето и работодавачите, а не само да покажува статистики за невработеност.

Да не бидам разберен погрешно, јас не велам дека АВРМ е обврзана да им наоѓа работа од соништата на луѓето, но е обврзана да ги поврзе со работодавачи кај кои можеби ќе изградат одлична кариера.