Како ќе функционира „Отворен Балкан“ во делот на признавањето на научните дипломи и научните звања vs. пазар на труд?
Како ќе функционира „Отворен Балкан“ во делот на признавањето на научните дипломи и научните звања vs. пазар на труд?
Минатата година во рамки на „Отворен Балкан“ беше потпишан Договор за единствен пазар на труд во Македонија, Албанија и Србија, а оваа година се потпиша и договор за заемно признвање на научните дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други акредитирани образовни институции од трите земји потписнички. Сметам дека регионалната соработка е значајна и дека општо гледано ќе донесе бенефит за регионот, но сепак, не е едноставно да се спроведе како што беше едноставно да се каже.
Во однос на слободниот пазар на труд посочив дека е неопходно да се прецизираат сите правни и технички аспекти- да се направи измена на повеќе закони, но и да се поврзат системите на инитуциите меѓу сите три држави, со цел да се овозможи реално движењето на работниците. Но, како земја потребно е и сратешки да се подготвиме за процесот со цел да избегнеме сценарио на одлив на високо квалификуван кадар со оглед на тоа што и Србија и Албанија се поголеми пазари и поразвиени економии.
Заемното признавање на дипломите за стекнато образование помеѓу трите земји е неопходно и во прилог на овозможување на единствен пазар на труд, односно непречено вработување низ земјите. И за реализација на целта на овој договор се потребни и правни и технички измени и подготовки, но процесот би бил потехнички и како таков не би требало да предизвика проблеми- се разбира, доколку непречено функционира системот на признавање и се одвива со иста или барем слична процедура и времетраење во сите три земји. Но сепак, она што беше посочено како една од главните цели- младите да се задржат овде, да не одат во странство, односно во земјите од ЕУ или САД, сметам дека нема да се исполни, барем не до значителен степен.
Конечно, потребна е мудрост и визија, што како држава би сакале да постигнеме преку можностите кои ги нуди иницијативата „Отворен Балкан“ во областа на трудот. Со добро осмислени чекори и имајќи ги предвид македонските потреби, верувам дека оваа иницијатива ќе донесе добро за граѓаните. Но, доколку се продолжи со практиката на попустливост пред барањата на соседните земји, истата е однапред осудена на неуспех за Македонија.
Проф. д-р Лазар Јовевски
фото: преземено од Фронтлајн

