Правда

Клековски: Двојно зголемени контролите за боледувања, се подготвуваат измени во правилникот

Бројот на контроли врз издавањето боледувања во 2025 година е речиси двојно зголемен во споредба со претходната година, информираше денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој истакна дека овие контроли помагаат во лоцирање на недостатоците во системот.

„Продолжуваме понатаму со контролите кои истовремено се потврда каде има недостатоци во системот. Сега имаме големо барање од Министерството за одбрана за контроли“, истакна Клековски.

ФЗО веќе формираше работна група која работи на измени на правилникот за боледувања. Процесот вклучува консултации со матичните лекари, синдикатите, работодавачите и здруженијата на пациенти за да се утврди каде се најголемите пропусти.

Целта на промените, според Клековски, не е кратење на оправданите барања, туку спречување на злоупотребите за да се остави простор за оние на кои боледувањето навистина им е потребно.

„Неминовна е дигитализација на процесот заради ефикасност и поголема транспарентност на работите. Ги согледуваме искуствата во Словенија, Србија и други референтни земји и сметам дека заедно со Министерството за здравство ќе дадеме еден предлог за подобрување“, нагласи тој.

Во однос на прашањето за евентуално продолжување на породилното отсуство на една година, директорот на ФЗО посочи дека се вршат детални финансиски и медицински анализи.

„Се обидуваме низ анализата да видиме колку се тие боледувања пред породилното и после него поврзани со истиот процес на бременост и имање дете. Во зависност од тоа можеме да видиме како можеме да го подобриме механизмот, бидејќи ако имаме чести пред и потоа боледувања би требало да мислиме на промени во системот на породилно боледување. Мораме да ги видиме и финансиските анализи“, додаде Клековски.