Кои работи во ЕУ можат да ги работат мигрантите и граѓаните од трети земји? Статистиката покажува нерамноправна положба
Разликите упатуваат на вкоренети пречки – од признавање на дипломите и јазичните бариери, до дискриминација која спречува многумина да го искористат своето образование на пазарот на трудот.
Странските работници во Европската унија имаат многу поголема веројатност да завршат на работни места кои не одговараат на нивните квалификации во споредба со државјаните на ЕУ, покажува истражувањето објавено од „Europe Magazine“.
Студијата опфати лица со универзитетско образование кои работат во нискоквалификувани или средно квалификувани занимања – јасен показател за „пропуштени вештини“. Податоците прават разлика меѓу државјаните на ЕУ и оние надвор од ЕУ, откривајќи дека разликите се значителни веќе две децении.
Терминот „преквалификувани“ се однесува на лица со високо образование кои работат како продавачи, административни асистенти, занаетчии или оператори на машини. Најмалку погодени се „сопствениците на ЕУ пасоши“, додека уделот е значително поголем кај државјаните од трети земји, а највисок кај државјаните на ЕУ кои работат во друга земја членка, пишува магазинот.
Во 2024 година, стапката на преквалификуваност изнесувала 39,6% кај државјаните надвор од ЕУ, 30,3% кај граѓаните на ЕУ кои работат во друга земја членка и 20,2% кај домашните работници. И покрај годините дебата за мобилноста и недостатокот на квалификуван кадар, Европа сè уште се бори да ги поврзе талентите со соодветни работни позиции.
Во Австрија, Балканците предничат во угостителството – каква е ситуацијата во другите земји на ЕУ?
Речиси половина од вработените во угостителството во Австрија се доселеници или нивни деца, покажува истражувањето на виенскиот институт Dema. Само во главниот град Виена, три четвртини од вработените имаат миграциско потекло.
Особено во градовите, угостителството во голема мера се потпира на странски работници. Во Виена, Грац и Линц, вработените со миграциско потекло сочинуваат околу 73%. Во туристички ориентираните покраини како Тирол (38%) и Салцбург (44%), се претпоставува дека вистинскиот процент е уште поголем, бидејќи сезонските работници не се опфатени со официјалните податоци.
Во Виена, 35% од вработените во угостителството имаат австриско државјанство, од кои 8% се натурализирани државјани. Околу 20% доаѓаат од други земји на ЕУ, нешто помал број од Азија (вклучувајќи Авганистан и Сирија), 9% од балкански земји кои не се членки на ЕУ и 5% со турско државјанство.
Слични трендови и во Франција, Холандија и Шпанија
Статистичките податоци за туризмот и независни анализи покажуваат дека хотелско-угостителскиот сектор во парискиот регион вработува голем удел странски државјани или лица родени во странство – околу 40% од вработените. Во Париз, мигрантите се особено бројни во угостителството, туризмот, градежништвото и на работните места поврзани со одржување и чистење, според податоците на Евростат.
Анализите на ОЕЦД и европската статистика укажуваат дека во Амстердам, мигрантите се силно застапени во услужните дејности (трговија, логистика, транспорт, угостителство), како и во одредени трудо-интензивни сектори со недостиг на домашна работна сила. Секторите логистика, туризам и градежништво се меѓу клучните области каде мигрантите пополнуваат големи празнини на пазарот на труд.
Во Барселона, според Евростат и „Migration Data Portal“, мигрантската работна сила е значајно присутна во туризмот и угостителството, земјоделството (сезонски работи), како и во градежништвото. Позициите со пониски квалификации во услужниот сектор и сезонските гранки често се пополнуваат со мигранти, за што сведочат и националните и европските статистички извештаи.
Извор: EUpravo zato.rs

