Вести

КСС: Бараме поволностите за административците да важат и за приватниот сектор

Бобан Илијевски

Во јавноста излегоа низ на негативни реакции во однос на нацрт законот за државни службеници, во кои се предвидува нивното работно време да биде скратено на 36 работни часа, а во петок да работат половина работно време или четири часа и притоа да земаат иста плата. 

Реакција имаше и од Здружението за текстилни работници Гласен Текстилец, од каде што велат дека немаат ништо против овој закон, нагласувајќи дека овие поволности треба да важат и за приватниот сектор, бидејќи тој го полни буџетот. 

Порталот Работник побара став од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, од каде рекоа дека за нив ова законско решение е предизборен популизам којшто е осмислен за да се привлечат гласовите на вработените во државната администрација. 

Од таму посочија дека кога не им е потребна, политичарите ја критикуваат администрацијата, но во предизборен период шират популизам за да ги добијат нивните гласови. Потсетија на тоа дека неодамна премиерот излезе со став дека токму администрацијата е корумпирана, па прашуваат зошто одеднаш пред избори се предлага законско решение за унапредување на работничките права токму на оние, за кои премиерот рече дека се корумпирани. 

Сепак, од КСС се децидни дека доколку се донесе ова законско решение, тие ќе бараат истите поволности да важат и за приватниот сектор, бидејќи тие се важна алка од економскиот систем во државата. 

„Доколку навистина се планира да се усвои овој нацрт закон, тогаш ние ќе бараме истите поволности да се уредат и во Законот за работни односи, за да важат и за приватниот сектор. Не е фер да се делат работниците. Унапредувања на работничките права потребни се и во двата сектори“, рекоа од КСС.