ПравдаСветот на работникот

Лекција по трудово право: Надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост

Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост
Непосредно по одбележувањето на светскиот ден на лицата со аутизам за што говорев и претходно сакам да потсетам на едно многу важно право од правна природа, а тоа е скратеното работно време на родител на дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби.
Согласно нашиот Закон за работни односи, едниот од родителите на дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби има право да работи со половина од полното работно време доколку и двајцата родители се во работен однос или пак доколку родителот е самохран, секако врз основа на наод од надлежна лекарска комисија и под исклучок ако детето не е сместено во установа за социјално-здравствено згрижување. Скратеното работно време во овој случај ќе се смета како работа со полно работно време.
Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на детето со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи, родителот го остварува во центарот за социјална заштита, без оглед на возраста на детето.
ПРАВИЛНО е да се смета дека висината на надоместокот на плата изнесува 50% од просечната нето плата на родителот за претходната година, а најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Македонија за претходната година.
ПОГРЕШНО е да се смета не треба да се плаќаат придонесите за задолжително социјално осигурување за висината на надоместокот, напротив истите се пресметуваат и плаќаат согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Проф. д-р Лазар Јовевски