Лута пиперка со силна порака: „Јади луто, не зборувај луто“ против говорот на омраза
На скверот кај КИМ, на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, денеска е поставена нова уметничка интервенција посветена на подигнување на свеста за борбата против говорот на омраза.
Станува збор за реалистична скулптура на лута пиперка со димензии 2м x 60см x 70см, која преку пораката „Јади луто, не зборувај луто“ на сликовит и духовит начин ја пренесува идејата за одговорна и внимателна комуникација.
Инспирацијата за оваа акција произлегува од секојдневното искуство – исто како што внимаваме кога консумираме луто за да не се „изгориме“, така треба да внимаваме и кога зборуваме или пишуваме, за да не повредиме други со зборови кои можат да „горат“. Преку оваа симболика, интервенцијата поттикнува на размислување за последиците од говорот на омраза, особено во јавниот и дигиталниот простор.
Користејќи ја моќта на уметноста и скулптурата во јавен простор, интервенцијата на својствен начин промовира една современа народна поговорка – „Јади луто, не зборувај луто“. Оваа едноставна, но силна порака ги потсетува граѓаните на потребата од одговорна комуникација и воздржаност од навредлив говор и говор на омраза, дури и во моменти на лутина или револт.
Со поставувањето на скулптурата во фреквентен јавен простор, целта е да се привлече вниманието на граѓаните и да се отвори простор за дијалог за културата на комуникација и меѓусебната почит.
Оваа уметничка интервенција е реализирана од Центарот за современи уметности – Скопје, во рамките на проектот „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

