Најкраток работен век на Балканот, најдолг во северноевропските земји: Кој најдолго работи во Европа?
Просечниот работен век во Европската унија (ЕУ) во 2024 година достигна 37,2 години и продолжува да расте, но разликите меѓу земјите се значителни. Додека работниците во Холандија и Шведска остануваат активни и над 43 години, во некои балкански земји, како Турција, Македонија и Црна Гора, оваа бројка едвај надминува 30 години.
Во последните децении, продолжувањето на очекуваниот животен век во ЕУ доведе и до одложување на старосната граница за пензионирање. Поради тоа, граѓаните подолго остануваат на пазарот на труд. Според податоците на Евростат, во 2014 година просечниот работен век изнесувал 34,8 години, додека десет години подоцна се зголемил за 2,4 години, односно за 7%, достигнувајќи 37,2 години.
Разлики меѓу земјите
Овие разлики се особено видливи кога се споредуваат различните региони. Во ЕУ, очекуваниот работен век варира од 32,7 години во Романија до 43,8 години во Холандија. Кога се вклучуваат и земјите кандидати за членство во ЕУ, како и земјите членки на ЕФТА, разликата е уште поголема: од 30,2 години во Турција до 46,3 години на Исланд.
Северните земји, особено нордиските, доминираат по должината на работниот век. Исланд предводи со 46,3 години, следат Холандија (43,8) и Шведска (43). Високи резултати бележат и Данска (42,5), Норвешка (41,2) и Финска (39,8).
Во Западна Европа, бројките се исто така над просекот. Швајцарија (42,8), Ирска (40,4) и Германија (40) го надминуваат прагот од 40 години. Франција (37,3), Белгија (35) и Луксембург (35,6) се блиску до европскиот просек или под него. Во Велика Британија, последните податоци од 2018 година покажуваат очекуван работен век од 39,2 години, при што се претпоставува дека бројката денес е повисока.
Во јужна Европа, ситуацијата е различна: Португалија (39,3) и Малта (39) бележат релативно долг работен век, додека Италија (32,8), Грција (34,8) и Шпанија (36,5) се под просекот.
Источноевропските земји обично се околу или под европскиот просек: Унгарија има 37,4 години, додека Романија (32,7) и Бугарија (34,8) се значително пониски. Најкраток работен век се бележи во југоситочна Европа и на Балканот, во земји кандидати за ЕУ: Турција (30,2), Македонија (31,5) и Црна Гора (32,1). Податоците за Македонија и Црна Гора се од 2018 година.
Зошто постојат големи разлики?
Професорот Мориц Хес од Високата школа за применети науки во Нидеррајн објаснува дека должината на работниот век и учеството на работната сила се резултат на повеќе фактори. „Побарувачката на пазарот на труд е клучна – што е поголема потребата за работници, толку подолго луѓето остануваат на работа“, истакнува тој.
Институционалните услови, како правилата за пензионирање и законодавството за труд, исто така играат голема улога. „Покачената старосна граница за пензија и ограничените можности за предвремено пензионирање ја продолжуваат кариерата на работниците“, додава Хес. Дискриминацијата по возраст, односно ејџизмот, е уште еден фактор – во земјите каде што старите работници се ценети и нивното искуство е почитувано, тие почесто остануваат подолго на работа.
Професорот Тимо Антила од Универзитетот во Јивескили (Финска) посочува дека моделите на семејна структура – едно- или двочлени домаќинства, пензиски системи и грижа за семејството – исто така влијаат на очекуваната должина на работниот век.
Стапката на учество во работната сила – клучен показател
Според Евростат, најголемо влијание врз должината на работниот век има стапката на учество во работната сила. Во земјите со пониска стапка на учество, просечниот работен век е пократок. Евростат проценува дека овој показател објаснува дури 81,5% од разликите во очекуваната должина на работниот век меѓу европските земји.
Многу земји веќе ја зголемуваат возраста за пензионирање. Организацијата за економска соработка и развој (OECD) предвидува дека до 2060 година просечната старосна граница за пензионирање во ЕУ ќе достигне околу 67 години, а во некои држави и над 70 години.

