Панел дискусија: Состојбата со образованието во општина Гостивар и ризикот од технолошки вишок кај дел од наставниот кадар
Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) Гостивар во соработка со Локалниот економско социјален совет (ЛЕСС) Гостивар, на 12 јуни 2023, организираше Панел дискусија на тема: „Состојбата со образованието во општина Гостивар и ризикот од технолошки вишок кај дел од наставниот кадар“.

АДИ Гостивар го реализира настанот во соработка со Младинскиот културен центар – Битола во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска.
На панелот, јас Дашмир Османи ја имав улогата на модератор. Во подготвителниот период заедно со АДИ работевме на следните активности:
Идентификување и контакт на можни говорници од областа посебно училиштата и секторот образование;
Средби со говорниците околу утврдување на темата за дискусија;
Мобилизација на учесниците преку испраќање покани и агенда, директни средби;
Подготовка за воведот и прашања кои би се адресирале за време на настанот.
Темата на панел дискусијата произлезе од околу актуелните прилики поврзани со образованието и ризикот од технолошки вишок кај дел од наставниот кадар. Оваа тема редовно провејуваше и на изминатите панел дискусии и состаноците на ЛЕСС.
На панел дискусијата присуствуваа претставници на синдикатите, основните и средните училишта, претставници на ЛЕСС Гостивар, како и претставници на граѓанскиот сектор.
Во воведот на дискусијата ги презентирав досегашните активности на ЛЕСС Гостивар, со осврт на панел дискусиите што ги имавме изминатите години за актуелни социо-економски теми во општината.
Понатаму ги воведов присутните во презентациите на говорниците: Тафа Амети, Заменик претседател на СОНК и претседател на ЛЕСС Гостивар; Азра Нуредини, Службеник за млади во Општина Гостивар; Аслијан Снопче, Раководителка на секторот за образование; Гоце Крајчески, Државен Инспекторат за образование; Ќефли Зендели, педагог ОУ “Џон Бузаку“, с. Србиново; Шпреса Усеини, директорка, ОУ Исмаил Ќемали, Гостивар; Шпетим Елези, заменик директор СЕУ, Гостивар.
Тафа Амети, Заменик претседател на СОНК и претседател на ЛЕСС Гостивар во својата презентација ги изнесе податоците за бројот на ученици во основните и средните училишта, почнувајќи од учебната 2019/2020 до учебната 2022/2023.
Податоците покажуваат тренд на намалување на бројот на учениците во основните училишта во општината, подеднакво кај сите етнички заедници. На територијата на градот кадешто функционираат 4 основни училишта падот на бројот на ученици е умерен. Но, на територијата на приградските и руралните подрачни училишта, падот е евидентен.
Освен миграцијата, причина за ваквата состојба е трендот на родителите, своите деца од руралните средини наместо да ги запишуваат во местото на живеење, ги запишуваат во училиштата во градот.
Во однос на средните општински училишта, најзагрижувачка е состојбата во средното економско училиште, кадешто бројот на ученици драстично е намален и во ова училиште е најголем ризикот за технолошки вишок на наставниот кадар. Посебно станува збор за професорите по англиски јазик.
Гостиварската гимназија, исто, се соочува со намалување на бројот на учениците.
За разлика од овие две училишта во средното медицинско и средното техничко училиште бројката на ученици се зголемува. Меѓутоа, како што истакна Амети, ваквото зголемување треба да се земе со резерва затоа што во овие училишта се запишуваат ученици од соседните општини Врапчиште и Маврово и Ростуше.
Понатаму, Амети посочи дека најголем ризик од технолошки вишок има кај наставниците што предаваат мајчин јазик и албански јазик. Комисијата за трансформација на работен однос од определено на неопределено време работи 3 до 4 пати годишно и дава прилично голем број на решенија. Амети смета дека тоа не е добра пракса.
Општината треба да ги анализира заклучоците добро, заедно со препораките, да се најде решение и оние кои излегуваат во пензија да се заменат со тие кои се под ризик од технолошки вишок, наместо да се примаат нови наставници.
По воведното обраќање на Тафа Амети, следеа презентациите на следните говорници:
Азра Нуредини, Службеник за млади во Општина Гостивар даде преглед на поддршката на Општина Гостивар што ја дава на младите посебно во делот на неформалното образование.
Во општина Гостивар во моментов има три активни младински центри: ICan, Центар за млади и заедница и CoWork. Овие центри функционираат партнерски со поддршка на Општина Гостивар. Основната цел на овие центри е обука и развој на младите за развој на кариерни вештини, активирање на млади луѓе кои имаат различни интерси и идеи во различни области преку нивно вклучување во обуки и курсеви.
ICan Младински центар е иновативна институција во обезбедувањето можности за талентирани млади. Визијата на центарот е да создаде средина за поддршка и развој за младите луѓе, придонесувајќи за регионален раст и комерцијализација на знаењето.
Преку ICan се создава нова мрежа на млади луѓе и работодавачи, помагајќи да се поврзат и да се зголемат можностите за вработување.
Комерцијализацијата на знаењето е уште еден важен аспект. Преку специјализирани услуги за приватниот сектор, помага да се развијат иновативни и успешни проекти на пазарот.
Преку ICan доделени се 380 сертификати на младите за завршени курсеви од областа на информатичката технологија.
Од отворањето на центарот пред 3 години, досега организирани се 8 курсеви, 21 стручни семинари и 10 вебинари. Дополнително, организирани се различни активности на различни теми, обуки, саеми за кариера, културни настани и др.
Центар за млади и заедница ги отвори вратите за заедницата и младите во септември 2018 година. Центарот за млади и заедница, во периодот од своето основање, успешно реализираше програми за неформално образование од различни области и теми, како што се: Програми за управување со менаџмент, програми за граѓанско образование, програми за социјални вештини, програми за вработување и развој на кариера, англиски јазик и програми за лидерство. Сите програми се спроведуваат на три јазици Албански, Македонски и Англиски. Исто така, Центарот има спроведено и курсеви за ИТ и програмирање, подготовка за ТОЕФЛ тест, Клубови за читање, наука и англиски јазик за најмладите итн.
Според статистичките податоци од овој центар досега има организирано 632 настани и вкупниот број на посетители од отворањето е 16.514.
Центарот CoWork е формиран специјално за поддршка на младите од Гостивар.
Младите имаат можност да ги развијат своите професионални вештини преку овој центар кој нуди професионални курсеви, семинари и предавања насочени кон подготовка на успешни кариери за младите од градот. Овој центар служи и како центар за развој на бизнисот, односно инкубатор за почетни компании.
Овој центар ги нуди сите потребни услови за младите од Гостивар кои сакаат да отворат бизнис или да работат од далечина за различни компании.
Во 2022 имало 10 договори за членство со млади луѓе кои станаа дел од Центарот во различни периоди. Во моментов се склучени 16 договори за работа.
Нуредини го презентираше и финансиските средства коишто Општината ги издвои за овие 3 центри за млади:
Во 2018 год. – 452.000 ден.
Во 2019 – 806.000 ден.
Во 2020 – 2.165.160 ден.
Во 2021 – 1.700.500 ден.
Во 2022 – 900.000 ден.
Во 2023 – 400.000 ден.
Аслијан Снопче, Раководителка на секторот за образование, го изнесе податокот дека бројката на ученици последната деценија на гостиварското подрачје има постојан тренд на опаѓање. Оваа година основно образование завршиле 625 деца, додека лани биле запишани 570 првачиња. Според првичните анализи на Општината, состојбата во централните основни училишта е добра, додека во руралните е специфично затоа што нема доволно деца. Во средните училишта е стабилно, освен во економско и гимназија, но се очекува состојбата да се подобри затоа што се воведени нови смерови и се подобрени условите за школување во тие училишта. Според досегашните сознанија, соопшти Снопче, за новата учебна година состојбата ќе биде добра, има кадар што излегува во пензија и тие ќе бидат покриени со другите професори, нема да се примаат нови.
Гоце Крајчески од Државниот Инспекторат за образование во своето обраќање апелираше директорите на училиштата да прават редовни анализи за да имаат увид во реалната состојба и согласно реалните потреби да се објавуваат конкурсите за наставници. Крајчески се осврна и на проблемот со несоодветен кадар посебно од природните науки како што се математичари, биолози, хемичари. Ваквите места често се заменуваат со несоодветен наставен кадар.
Ќефли Зендели, педагог ОУ “Џон Бузаку“, с. Србиново, го презентираше проблемот со ова училиште и драстичниот пад на учениците низ годините. Во моментов во ова училиште, класовите се комбинирани и секое одделение има 2-3 до 5 деца.
Ризикот од технолошки вишок е голем и Зендели предложи да се разгледа можноста за предвремено пензионирање на постарите наставници.
Шпреса Усеини, директорка, ОУ Исмаил Ќемали, Гостивар се надоврза на проблематичнот тренд во рурланите средини и го посочи проблемот на периферното училиште ОУ Исмаил Ќемали во село Ѓоновица каде што до 5 одделение вкупно има само 6 ученици и само 7 ученици до 9 одделение.
Шпетим Елези, заменик директор Средното економско училиште, причината за драстичниот пад на ученици во ова училиште најмногу ја гледа во засилената емиграција во изминатите години. Сепак, со воведувањето од оваа година на дуалните паралелки и нови смерови како што се туризам и дигитален маркетинг се надева дека состојбата до некаде ќе се поправи.
Училиштето нема да прима нови наставници туку ќе се користат постојани кадри. Моментално под најголем ризик се 4 наставници по англиски јазик, поради тоа што англискиот јазик во ова училиште е намален на 2 часа неделно.
По презентациите од говорниците се разви дискусија:
Екрем Мифтари од Средното техничко училиште и член на ЛЕСС, го истакна проблемот од недостаток на стручен кадар (наставници) од техничките науки. Проценката е дека во ова училиште за 6 години ќе има недостаток од 20 инжинери што ќе го доведе во прашање нормалниот образовен процес во ова училиште.
Шпетим Елези, заменик директор Средното економско училиште, предложи за да се намали ризикот од технолошки вишок, наставниците со стаж над 10 години да имаат по 18 часа редовна настава наместо досегашните задолжителни 20 часа, со над 20 години стаж да имаат 16 часа редовна настава. И така со годините да им се намалува задолжителниот фонд на часови.

Тафа Амети од СОНК и претседател на ЛЕСС, се осврна на издатоците на државата кон образованието. Само 3.5% од државниот буџет се издвојува за образованието, што е најмал процент за разлика од сите земји во регионот, кадешто тој процент е над 4%. И тука делумно може да се гледаат причините за проблемите во образованието.
Од оваа дискусија произлегоа следните главни заклучоци во врска со улогата и ангажманот на членовите на ЛЕСС-от:
Редовни состаноци на ЛЕСС-от со сите останати локални актери во врска со актуелни теми од социо-економската област со цел навремено алармирање за актуелните проблеми, посебно околу состојбите во образованието;
Вклучување на ЛЕСС-от во коордирање на средните и основните училишта на почетокот на школската година за дополнување на работните места со старо финансирање за наставници кои се под ризик од технолошки вишок;
Спроведување на анализа пред да се достават документите за трансформација на работен однос од определено на неопределено време во средните и основните училишта до општинската комисија за трансформација;
Вклучување на ЛЕСС-от во процесот на ориентација на учениците од деветолетките за избор на средно училиште со акцент на избор на професионални училишта;
Започнување на процесот на изработка на акциски план за работа на ЛЕСС Гостивар за 2024, преку поширока консултација со граѓаните околу локалните приоритети
Организирање на состаноци на ЛЕСС и други клучни актери – бизниси, јавен сектор, граѓански организации за дефинирање на приоритетите во акцискиот план на ЛЕСС за 2024;
Споделување на наодите и заклучоците со Градоначалникот, Советот на општината;
Медумско претставување
За панел дискусијата беа информирани новинарите и истите присуствуваа и со свои прилози го покрија настанот. Прилози за настанот имаше на следните медиуми:
Интернет портал: gostivarpress.mk
Линковите од објавите се достапни на Фејсбук профилот на АДИ: https://www.facebook.com/adimacedonia

