ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Потребна е посилна транзиција од социјални во развојни мерки за компаниите да заздрават од Ковид – 19

На повидок е петтиот пакет мерки којшто треба финансиски да им помогне на компаниите за да ја одржат нивната ликвидност, но и да можат да исплатат плати на вработените. Но, ќе дојде и време , кога компаниите ќе треба да се „осамостојат“ од државната помош и да се втурнат во пазарните струи.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека проблемите со економијата се директно поврзани со здравствената криза. 

„Но не само кај нас, важно е состојбите да се подобрат и кај нашите трговски партнери, затоа што ако кај нив продолжат полициските часови и затварањето на малопродажните објекти, тоа ќе значи помала побарувачка и крах на многу извозни компании“, вели Димитров. 

Тој истакна дека државата не може вечно да исплаќа финансиска помош и затоа е многу важно дали компаниите по завршувањето на помошта ќе можат самостојно да продолжат со својата дејност. Ова многу ќе зависи од тоа колку је трае кризата, вели тој, додавајќи дека ако проблемите исчезнат до крајот на март и бројот на компании кои ќе пропаднат ќе биде помал, но ако кризата продолжи до јуни и понатаму, тогаш голем број на компании ќе затворат и ќе останат голем број на работници без своите работни места. 

Проф. д-р Дарко Лазаров од Еконмскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, за порталот Работник вели дека помошта од државата за компаниите во форма на субвенционирање на платите беше неопходна, особено во критичниот период кога се воведуваа рестриктивните мерки, односно кога одделни сектори беа целосно или делумно затворени, додека други беа сериозно погодени од кризата.

Вели дека речиси сите земји ја имплементираа оваа мерка, но кај поголем дел од тие земји оваа мерка беше подобро дизајнирана. 

„Од аспект на должината на траење, се разбира дека таквата помош е временски ограничена и истата во голема мера е детерминирана од периодот на целосно справување со здравствената криза. Поради тоа, државата и надлежните институции требаше да вложат многу поголем напор во навремено обезбедување на вакцините и создавање на услови за навремено отпочнување на процесот на вакцинација со цел обезбедување на услови за целосен рестарт на економијата. Со доцнењето секој ден економијата, фирмите и граѓаните плаќаат големи, не само здравствени, туку и економски штети“, посочи Лазаров.

Тој нагласува дека владата треба во целост да ги имплементира сите мерките од сетот на антикризни мерки кои беа најавени, но сеуште не се имплементирани.

Во однос на прашањето дали постои некој механизам којшто би можел да им помогне на компаниите да се осамостојат од државната помош, Лазаров вели дека за тоа треба да бидат креирани дополнителни мерки за поттикнување на приватниот сектор во пост-кризниот период затоа што проблемите за значаен дел од фирмите во погодените сектори нема да исчезнат едноставно веднаш по завршување на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

„За голем дел од нив оваа криза ќе остави длабоки последици, при што, владата со добро обмислени и таргетирани мерки треба да ги стимулира сите оние компании кои имаат капацитет за понатамошен раст и развој во пост-кризниот период со цел иницирање на еден вистински и одржлив развоен процес“, подвлече Лазаров. 

Порача дека популистичките и социјални, наместо економски и развојни политики само ги одолговлекува проблемите кои се повеќе се таложат во економијата, а на крај цената повторно ќе мора да ја платат граѓаните.

Деспина Туманоска, економски експерт од Институтот за економски политики – Finance Think, во интервју за порталот Работник рече дека компаниите ќе заздрават кога економијата и фирмите ќе се наоѓаат на пред-пандемиското ниво, што не е во овој момент.

„Тогаш, не треба да бидеме загрижени ако некоја фирма пропадне, а треба да бидеме загрижени ако долгот неконтролирано расте. Во моментов, ситуацијата е обратна и ќе потрае како таква уште некое време. Но, она што е поважно во моментов е кога треба да направиме посилна транзиција од социјални кон развојни мерки. Ставот на Finance Think е дека тоа треба да се случи веќе наскоро, односно во првите месеци по отпочнувањето на вакцинацијата“, рече Туманоска. 

Бобан Илијевски