МакедонијаСиндикат

Претседателот на СОНК одржа лекција за колективните договори

Фејсбук статус на Претседателот на СОНК, Јаким Неделков:

Советникот во Општина Прилеп, Жаре, на мојата објава изнесе неколку констатации и постави повеќе прашања, за кои би сакал да појаснам неколку работи.

Имено, нему не му е прифатливо (иако разбрав дека бил познат адвокат во Прилеп) дека Колективниот договор за вработените во градинките („Службен весник на РСМ бр.220 од 14.10.2022 година“), потпишан од СОНК, важи само за членовите на СОНК. За него тоа било условување. Сепак, имам разбирање, иако е адвокат, не мора да има познавање од сите специфики на трудовото и синдикалното право. А за да дознае, ќе изнесам неколку факти.

Во споменатиот колективен договор, уште во Поимникот (член 1), јасно се дефинирани поимите Синдикат, синдикална организација и член на СОНК.

Додатокот на плата за зголемен број на деца во група е уреден во член 47 од колективниот договор и се однесува на членот на синдикатот, како и други одредби кои се придобивки од колективното преговарање и кои важат само за членовите на СОНК.

Во споменатиот Правилник кој го изработи СОНК, конкретно во член 3, јасно е наведено за кого е примената, а директорите се должни без исклучок да го применуваат на членовите на СОНК.

Сите овие права произлегуваат од Законот за работни односи, каде е дефинирана примената на колективните договори.

Сметам дека, од големо значење за Жаре е да знае дека колективните договори се склучуваат како: општ – на ниво на Република, посебен – на ниво на гранка и поединечен – на ниво на работодавач.

Претпоставувам дека советникот Жаре, а воедно и адвокат, не знае дека споменатиот колективен договор е посебен, односно грански и важи за членовите на Синдикатот – потписник на тој колективен договор.

И претпоставувам Жаре не знае дека овој колективен договор веќе бил оспоруван пред Уставниот суд, како што и тој вели, заради дискриминација, за што судот донесе Решение У.бр.107/2022 дека НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби кои се однесуваат на работникот – член на Синдикатот.

Затоа, го повикувам советникот и адвокат Жаре, внимателно да го прочита образложението на Решението, за нештата да му станат многу појасни.

Не знам што не му е јасно и прашува дали сум бил претседател на синдикална организација или на политичка партија?! Да сум сакал да бидам политичар, тоа и ќе сум бил.

Тоа е исто како јас да го прашам Жаре дали е адвокат или локален политичар?! Си одбрал да биде и едно и друго, за разлика од мене.

Конечно, треба секој да знае дека членовите на синдикатот преку својата членарина го овозможуваат колективното преговарање и склучувањето на грански колективни договори. Затоа, логично е придобивките од тие договори да важат само за нив.

Спротивното всушност претставува дискриминација – да не си член на репрезентативен синдикат, да не плаќаш членарина, а сепак да ги користиш истите привилегии од грански колективен договор