Стопанска Комора: Од медиумите слушнавме дека ќе има антикризни мерки, нас никој не не консултирал
Владата го кори деветиот пакет антикризни мерки без да се советува со бизнис заедницата. Од Стопанската комора велат дека за мерките прв пат слушнале од медиумите и не знаеле за каков тип на мерки се работи. За повеќе информации од Комората побараа од новинарите писмено да се обратат, за да се коснултираат со власта околу носењето на помошта за граѓаните.
Последен кој се огласи околу носењето на мерките беше министерот за финансии Фатмир Бесими, кој рече дека Владата набргу ќе го објавела деветиот пакет антикризни мерки, за полесно справување со ценовната и енергетската криза, ама само за ранливите категории граѓани. За останатите, но и за компаниите не кажа.
Дека стопанствениците не биле консултирани за носењето мерки потврдија за Алфа и други извори од Комората, кои не сакаа да коментираат зошто Владата си тера по свое. Само кусо ни рекоа дека ваквиот начин на работа бил крајно несериозен.
И додека соседството предлага низа мерки за ублажување на ценовните шокови, нашата Влада само анализира без ништо да преземе. Па така, минималната потрошувачка кошница од месец во месец само расте, и во август била близу 50.000 денари за едно просечно семејство.
Бранот поскапувања, според економските експерти, главно се должи на тоа што земјава нема доволно домашно производство на храна. Според светскиот сајт „Ворлд топ импортс“, Македонија е на 98 место меѓу стоте најголеми увозници на млеко и лани за тоа се одлеале 28,6 милиони долари, што е раст од 32,5% во однос на 2018. Во исто време, само лани за увоз на сирење биле потрошени 32,3 милиони долари, што земјава ја позиционира на 83 место меѓу стоте увозници на овој млечен производ. Државава, главно увезува млечни производи од Словенија, Германија, Хрватска, Полска, Србија и БиХ.
Извор: Експерс

