ПравдаСветот на работникот

Трајковска: Трошокот за антигенските тестови да биде на товар на работникот. Се бара да се тестираат еднаш неделно

Бобан Илијевски

Во иницијативата која Стопанската комора на Северна Македонија ја доставила до сите чинители во државата, било побарано еднаш неделно, со брзи антигенски тестови, да се тестираат невакцинираните работници во приватниот сектор, рече потпретседателката на Комората Анета Трајковска на денешната прес – конференција. 

Таа потенцираше дека тоа може да се направи во државни или приватни дијагностички центри, но и во просториите на компаниите, односно по одлука на работодавачот. 

„Не случајно се предложи и се побара да се тестира со брзи антигенски тестови, токму поради цената којашто ја имаат овие брзи антигенски тестови, наспорти ПЦР тестовите и се согласно искуствата на другите земји“, рече Трајковска. 

За бизнис заедницата, објасни таа, од исклучителна важност е трошокот за брзите антигенски тестови, да падне исклучително на товар на работникот. Според неа, секој друг трошок на товар на компаниите, во овие услови е непродуктивен или трошок којшто нема да обезбеди дополнителен ефект којшто ќе овозможи зголемување на бројот на вакцинираните во компаниите, па и на ниво на цела држава. „Во услови на пандемија и здравствено – економска криза, во услови на енергетска криза, непродуктивни трошоци за работодавачите се неприфатливи“, додаде Трајковска. 

Тие како бизнис заедница предлагаат да се обезбеди контрола на цените на антигенските тестови коишто би можеле да се зголемат поради големата побарувачка – Владата да ја определи највисоката цена на овие тестови, за да не се предизвикаат значителни материјални трошоци на вработените. 

Стопанската комора, појасни Трајковска, може да ја поддржи и ќе упати повик до своите компании членки, во рамките на нивните можности, со цел да ги мотивираат вработените, да ја поддржат иницијативата на синдикатите, за вработените да се овозможи два дена неплатено отсуство. 

Трајкоска порача дека ќе им се остави време од еден и пол месец на невакцинираните работници, во случај да сакаат да се вакцинираат, пред да започне да се имплементира иницијативата.