ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Шахпаска: 120 илјади работници во прииватниот сектор ќе добиваат поголеми плати

Бобан Илијевски

50,6 милијарди денари ќе изнесува буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2022 година. Овие средства, меѓудругото ќе бидат наменети за ранливите категории, инфраструктурни проекти, пензии и мерки за вработување, информираше на денешната прес – конференција Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. 

2022 година ќе биде година на економско заздравување, забрзување на растот преку капитални инвестиции, рече Шахпаска и додаде дека во Предлог – буџетот на Министерството за труд и социјлна политика за 2022 година средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени за скоро 100 %. За оваа намена предвидени се 195,5 милиони денари, од кои за градежни работи 177 милиони денари, а за опремување 18,5 милиони денари. 

Шахпаска рече дека една од генералните политики на МТСП е намалувањето на невработеноста која, како што истакна, се реализира и преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување. „За оваа намена годинава Министерството за труд и социјална политика трансферира 400 милиони денари за Агенцијата за вработување“, посочи Шахпаска.

Според неа, целта е активно да се вклучат на пазарот на труд долгорочно невработените лица, ранливите групи, Роми и млади невработени лица, невработени лица на кои им престанал работниот однос поради пандемијата предизвикана од Ковид – 19. Продолжува и младинската гаранција за вработување на млади лица од 15 до 29 години, поаѓајќи од позитивните европски искуства. 

Оперативниот план, како што рече, ќе се базира на принципите на рамномерен регионален развој, вработување на лица кои ја изгубиле својата работа поради пандемијата и третиот принцеп е воведување на диверзитет и инклузивност. 

Додаде дека ќе продолжи и исплатата на младинскиот додаток, за млади до 23 години коишто работат во производство, во висина од 3,000 денари на месечно ниво. Ќе продолжи и мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на плати во износ од 2,5 милијарди денари. 

„На овој начин, околу 120 илјади работници, вработени во приватниот сектор ќе добиваат повисока плата“, потенцираше Шахпаска. 

Шахпаска рече дека Министерство работи во насока на намалување на невработеноста којашто е на историски најниско ниво, од 15,9 %. 

Фото: Screenshot