МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

АД ЕСМ незаконски распоредува синдикални претставници, велат од ССЕРИ

   Време за читање 3 минути

Раководството на АД ЕСЕМ (ЕЛЕМ) врши постојан и континуиран притисок преку своите раковдни лица врз членовите на Самостојниот синдикат на работниците во енергетика, рударство и индустрија – ССЕРИ кој е грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, велат од синдикатот.

Според нив, притисоците се во толкава мера што од раковдството на електроенергетската компанија се дрзнале да делат отказни решенија со понуда на нов договор за работа, каде нивните членови се распоредуваат во друга продружница на друштвото кои се на оддалеченост од повеќе од 100 километри од нивното место на живеење.

Од синдикатот посочуваат дека Претседателот на синдикалната пордружница Енергетика – Скопје, Димче Грков кој е член и на Претседателството на ССЕРИ, бил распореден со нов договор во Подружница РЕК Осломеј, Кичево.

Според Гугл Мапс, од Скопје до Кичево има 126 километри. Кога би се земало во предвид патувањето од и до работното место, тоа би биле 252 километри. На ова кога ќе се додаде фактот дека работната недела е пет дена и кога ќе се се помножат пет дена со 252 километри доаѓа дека тој ќе помине 1,260 километри за пет дена, а согласно Законот за вработени во јавниот сектор, работникот не смее да биде преместен на повеќе од 50 километри од неговото место на живеење. Заштита на синдикалниот лидер ја потенцираат и Законот за работни односи, Општиот колективен договор за јавниот сектор, Гранскиот колективен договор за енергетика и меѓународните конвенции на МОТ. 

„Со ова известување сакаме да напомениме, дека се кршат сите законски одредби предвидени во ЗРО, член 200 од службен весник од 2015 година, алинеа 1 каде се кажува: Синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно овој закон,алинеа 2: На синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување, понатаму алинеа 6 каде стои:Заштитата пред отказ за лицата од ставот (1) на овој член трае цело време за времето на траењето на мандатот и најмалку две години после престанување на мандатот. Како и други закони и загарантирани работнички права“, велат од ССЕРИ. 

Истакнаа дека прекршени се меѓународните конвенции на МОТ и колективниот договор, во кој јасно стои дека членовите на синдикат несмеат да бидат доведени во неповолна ситуација поради членство или не членство во синдикат.

 Посочија дека за овие груби прекршувања на Меѓународните конвенции, ЗРО и колективниот договор известени се: Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), Светската конфедерација на синдикати (ИТУК), како и сите надлежни домашни и меѓународни институции.

Бобан Илијевски