Ако сакате да заработувате повеќе во Македонија, би требало да се насочите кон овие сектори
Просечната нето плата во мај изнесувала 36,465 денари, објави денеска Државниот завод за статистика. По тој повод, нашата редакција реши да ги анализира топ петте најплатените сектори и дејности коишто спаѓаат во нив.
Несомнено, на прво место е секторот Информации и комуникации, со просечна плата од 70,703 денари. Овој сектор го зазема првото место најмногу поради дејноста Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, каде платата изнесувала дури 90,536 денари или над 1,400 евра. Втора најплатена дејност е Телекомуникации со плата од 52,386 денари.
На второ место е секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување, каде во мај платата изнесувала 53,792 денари. Во склоп на секторот, најплатените дејности се Финансиско услужните дејности, освен осигурување и пензиски фондови – 56,217 денари и дејноста Осигурвање, реосигурување и пензиски фондови, освен задолжително социјално осигурување, во која платата изнесувала 49,171 денар.
Секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со плата од 48,302 денари е на третото место на листата на најплатени сектори. Во секторот, најплатена е дејноста која го носи неговото име со плата во истиот износ.
Стручни, научни и технички дејности е секторот кој со плата од 45,980 денари го зазема четврото место на листата. Најплатени дејности во склоп на секторот се Управувачки дејности; советување во врска со управувањето – 59,562 денари и Останати стручни, научни и технички дејности – 58,834 денари.
На последно петто место е секторот Други услужни дејности со просечна плата од 45,847 денари. Во овој сектор, титулата најплатени дејности ја носат Дејности на организации врз база на зачленување – 51,375 денари и Други лични услужни дејности, каде платата изнесува 41,100 денари.