Алиу: За да бидат ефективни, реформите во стручното образование мора да се креираат заедно со бизнис заедницата
Стручното образование во Република Северна Македонија во последниве неколку години, бележи сериозни реформи во кои се вклучени Министерството за образование и наука, локалните власти и компаниите. Токму соработката помеѓу овие три системи и нивната кохезија, како и визијата за развој на стручното образование, придонесе за зголемување на бројот на дуалните паралелки во средните стручни училишта, а со тоа и зголемување на бројот на ученици.
Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу на Регионалната конференција на земјите од Западен Балкан, под покровителство на ОЕАД и австрискиот парламент, на тема: Јавно-приватното партнерство за развој на меки вештини и изнаоѓање на атрактивен начин за практичното учење која се одржа во Виена.
– Мора да се сложиме дека реформите на стручното образование се неприменливи, доколку во истите не се вклучени и компаниите како најзасегнати и примарни корисници на услугите кои ги нудат стручните училишта. Во учебната 2021/22 година во сите средни стручни училишта во Северна Македонија, имавме 97 дуални паралелки и 1400 ученици во истите. Оваа година имаме над 200 дуални паралелки и 2700 ученици. Минатата учебна година имаше 250 вклучени компании, а годинава има над 400, додаде Алиу, напоменувајќи дека расте интересот за стручно образование кај младите, но и интересот на компаниите да се вклучат во образовниот процес.
И двете страни, рече заменик министерот, имаа корист од овој проект, односно учениците добиваат практична настава и знаења директно кај компаниите, а потенцијалниот работодавец обезбедува едуциран и стручен кадар кој е подготвен веднаш по завршување на образованието да се вклучи во производствениот процес.
– За создавање на подготвени кадри, како Министерство делуваме преку три аспекти, односно унапредување на инфраструктурата, набавка на нови наставни програми и учебници и подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар. Исто така во соработка со ЕУ и фондовите кои им се на располагање на земјите, отворени се и три регионални центри за СОО, истакна Алиу, додавајќи дека Министерството за образование и наука на учениците запишани во стручните училишта им доделува и стипендии, како дополнителен мотив за нивното стручно усовршување.
Воведовме, потенцираше Алиу, и стипендии за учениците од дефицитарните струки и од дуалното образование, што исто така помогна во подигнување на мотивацијата за упис во средните стручни училишта, како еден вид мотивација, но и поддршка на воспитно – образовниот процес на младите.
Според заменик министерот за образование и наука инвестирањето во младите и подигнувањето на интересот за стручното образование е инвестиција од која корист имаат и учениците и компаниите, но и државата.
На конференцијата, покрај заменик министерот за образование и наука учествуваа и претставници од МОН, пратеници – членови на Комисијата за образование при собранието на РСМ, претставници на Центарот за стручно образование и обука, како и претставници на институциите кои се занимаваат со средно стручно образование од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Министерство за образование и наука