СПМ: УПАТСТВОТО ЗА РАБОТА ВО СМЕНИ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА
УПАТСТВОТО ЗА РАБОТА ВО СМЕНИ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА![]()
СИНДИКАТОТ НА ПОЛИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА (СПМ) го информира своето членство дека до министерот за внатрешни работи и директорот на БЈБ достави официјално писмо со кое укажува на сериозно и континуирано непочитување на одредбите од Упатството за сменска работа.
И покрај јасно пропишаните правила за организирање на работното време пропишано во Упатството, распоредот на смените и обезбедувањето на законските права на полициските службеници, во пракса во повеќе организациски единици се постапува спротивно на важечките прописи. Со тоа директно се нарушуваат работничките права, се создава правна несигурност и се загрозува професионалното функционирање на полициските службеници.
СПМ бара од министерот и директорот итно да преземат мерки за целосно почитување на Упатството за сменска работа од страна на сите раководители и организациски единици во Министерството, како и да се утврди одговорност за оние кои свесно постапуваат спротивно на важечките прописи.
Давањето на слободни смени е исклучиво право на работникот и истиот единствено само преку писмено известување, може да оствари слободен ден над полниот месечен износ на часови![]()
Тоа значи дека РАКОВОДИТЕЛОТ нема дискреционо право да одлучува и самоиницијативно да дава слободни денови!
Владеењето на правото мора да започне токму во институцијата која е задолжена да го штити и спроведува законот. Неприфатливо е Министерството да бара почитување на законите од граѓаните, а истовремено да не ги почитува сопствените прописи.
Доколку во разумен рок не се преземат конкретни мерки за отстранување на утврдените неправилности, СПМ ќе ги искористи сите законски механизми за заштита на правата на своите членови, вклучително и иницирање постапки пред надлежните институции.
СИНДИКАТ НА ПОЛИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – СПМ
Правда пред сè!
Министерство за внатрешни работи / Мinistria e Punëve të Brendshme

