МакедонијаСиндикат

СПМ: ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ НЕ СЕ БРАНИ СО ЖРТВУВАЊЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ

Фејсбук статус на Синдикатот на полицијата во Македонија – СПМ:

ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ НЕ СЕ БРАНИ СО ЖРТВУВАЊЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ‼️

Со години слушаме за професионализам во Министерството за внатрешни работи, за високи стандарди, за одговорност и за законито постапување. Но денес, сè почесто, реалноста покажува дека зад тие декларативни заложби се крие систем кој сè помалку ги штити сопствените полициски службеници.

Наместо да биде гарант за законитост, објективност и институционална одговорност, внатрешната контрола во МВР остава впечаток дека сè почесто се претвора во инструмент за задоволување на јавниот притисок и моменталните очекувања на народот.

Како да е поважно јавноста да добие „виновник“ што е можно побрзо, отколку да се утврди вистината. Како да е поважно да се објави дека некој е суспендиран, отстранет или дисциплински санкциониран, отколку да се спроведе темелна, непристрасна и законита постапка.

Внатрешната контрола не смее да биде театар за јавноста, ниту механизам за демонстрација на институционална моќ. Нејзината задача е да ги утврдува фактите, да ги открива пропустите, да ја штити законитоста и да обезбеди одговорност таму каде што навистина постои.

ПОЛИЦАЕЦОТ НЕ Е ГЛАДИЈАТОР!

Денес, полицискиот службеник сè почесто е оставен сам во гладијаторската арена на јавноста, медиумите, политичките очекувања и институционалните притисоци.

Кога е потребен за да се справи со опасноста, тој е херој. Кога треба да се преземе одговорност за системските пропусти, често останува сам. Кога ќе се најде во центарот на јавен интерес, наместо институционална заштита и правична постапка, неретко се соочува со однапред создадена осуда.

Кој го штити полицискиот службеник додека ја извршува својата работа?

Кој ја утврдува целосната фактичка состојба пред да биде јавно осуден?

Кој гарантира дека дисциплинската постапка нема да биде средство за амортизирање на јавниот притисок?

И конечно, кој ќе преземе одговорност кога ќе се утврди дека кон полицискиот службеник било постапено неправедно, незаконито или без доволно докази?

Не бараме полицајците да бидат над законот. Напротив! Бараме законот да важи подеднакво за сите – и за полицаецот, и за неговите претпоставени, и за раководните структури во МВР.

Не бараме заштита на незаконитоста, туку заштита на професионализмот. Не бараме привилегии, туку правична постапка, презумпција на невиност, објективност и институционална одговорност.

Златна професија, а сè повеќе обезвреднета.

Професија во која од луѓето се очекува да ризикуваат, да постапуваат, да преземаат одговорност и да бидат на првата линија, но кога ќе настане проблем, премногу често се оставени сами да се справуваат со последиците.

Време е да се престане со декларативниот професионализам и да се започне со вистинска институционална заштита на полициските службеници.

МВР мора да разбере една работа: не може да гради професионална полиција со деморализирање, заплашување и жртвување на луѓето што ја носат униформата.

Синдикатот на полиција во Македонија ќе продолжи јавно да реагира на секоја појава на селективност, неправда и злоупотреба на дисциплинските механизми, независно од тоа кого засега.

Затоа што достоинството на полицискиот службеник не е предмет на дневна политика, медиумска потреба или јавно расположение.

ПОЛИЦАЕЦОТ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ЖРТВА ЗА ДА БИДЕ ЗАДОВОЛНА ЈАВНОСТА!

СИНДИКАТ НА ПОЛИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – СПМ

СПМ – ПРАВДА ПРЕД СÈ