Ампева: Секое намалување на договорите на определено е позитивно
Бобан Илијевски
Неколку години по ред пријавуваме до надлежните во врска со конкретната фирма. Преку адвокат со кој соработува здружението има преку 150 тужби за една година, вели Претседателката на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, во однос на штипската фабрика „Баргала“, за Порталот Работник.
„Известен е и синдикатот кој има 100 процентно членство таму, но нема баш резултати од таквите пријави. Пред недела дена повторно направивме допис заедно со работнички и очекуваме одговор. Фирмата велат од раководството дека е во лоша состојба. Но, тоа не е одговор и не значи ништо за овие вработени , ниту за нас како здружение, бидејќи вработените немаат земано две плати, ниту придонеси“, истакна Ампева.
Во однос на последното истражување на Хелсиншкиот Комитет за човекови права со кое се покажа дека Државниот Инспекторат за труд сеуште е неефиксен, Ампева вели дека Здружението заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права работат веќе три години и се обраќаат до инспекторатот. Според неа, работничките и работниците ја оцениле таквата работата на инспекторатот исто како и Хелсиншкиот комитет во однос на добиени позитивни одговори од пријави при пронајдени прекршувања од работен однос.
„Нашето здружение за две години доби три одговори дека не е најдено прекршување а останатите 15 се позитивни, на едно немаме соодветен одговор. Како што и неколку пати имам дадено изјава, ние веќе работиме на позитивни примери на подрачни инспекторати и инспектори со кои имаме и неформална комуникација и сметам дека ваквите примери ќе ги натераат и останатите да ја работат отчетно, одговорно и транспарентно својата работа како инспектори од областа на трудот и институција која е платена од граѓаните“наведе Ампева.
Таа посочи дека имаат и друга цел, а таа е, да се даде значење и на капацитетот на инспекторатот со кој располага, односно , и човечки и технички, за да можат навремено и попрофесионално да си ја работат работата. Оваа институција, вели беше подзаборавена, но верува дека истата ќе се реформира во најблиска иднина.
Прашана, за тоа дали како здружение се согласуваат со намалувањето на договорите на определено време од пет на три години, Ампева вели дека со оглед на тоа дека несигурноста на вработените доаѓа од тие договори на еден месец кои можат да траат до 5 години, секое намалување на тој период е позитивно.
„За нас е сеуште недоволно. Уште не е донесен новиот Закон за работни односи, имаме веќе коректен однос со Организација на работодавачи и сметам дека може да се преговара за помал период. Сепак Законот за работни односи не го опфаќа само текстилниот сектор, туку сите вработени, мора да се најде подобро решение од ова што во моментов стои како 3 години“, истакна таа.
Според неа, со оглед на фактот дека има посебни критериуми во кои смее да се заснова работен однос на определено работно време, вели тие се во предност како застапници на работниците и работничките, но ако може да излобира за дополнителни придобивки, зошто да не, вели Ампева.
На прашањето дали работодавачите во текстилните фабрики се освестуваат и започнуваат да ги почитуваат работничките права, Ампева вели дека колку и да е мала таа бројка на работодавачи кои се веќе свесни за штетата која е направена наназад 30 години, се плашат за опстанокот, за иднината на овој сектор.
„Сепак далеку поголем е бројот на оние кои ќе трпат притисоци од нас се со цел да почнат законито да работат, да исплаќаат плата соодветна на одработените часови, да прекинат со мобинг и да ги почитуваат работничките права предвидени со закон и колективен договор“, истакна Ампева.
Таа вели дека ова е процес кој синдикатите, требало да го водат пред 30 години, но не било така. Има и премногу работа, но и резултати кои ги мотивираат да продолжат кога конечно се дел од социјалниот дијалог, вклучени се во преговори на локално, но и национално ниво, има вицепремиерка која ја поддржува нивната работа и е свесна дека проблемите кои се таложеле децениски, е време да се решат.
Работодавачите се свесни дек здружението нема да прекине со работа, вели Ампева, додавајќи дека се релевантен фактор во отсуство на синдикатите, па затоа сега се обидуваат да ги препознаат и работат на промоција на добри примери на фирми кои почитуваат работнички права, но и тие кои ќе затајуваат од законито работење, да ги истакнат како лоши примери со кои не треба останатите да се поистоветуваат.
- СПМ одржа состанок со Министерот Тошковски - 06/02/2025
- Неделков на средби со членовите на СОНК - 06/02/2025
- Ќе згасне ли автомобилската индустрија во Германија? - 06/02/2025